Претходно Кузеска на прес-конференција соопшти дека почнуваат со откривање на шемите на фирмите на најблиското семејство на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Бугарија и во Македонија
Дали е вистина дека компанија од Македонија што е блиска до семејството на поранешен претседател на СДС ѝ исплаќа пари на бугарска фирма во сопственост на поранешен премиер и претседател на СДС? Ова прашање денеска го постави на прес-конференција Марија Митева, портпаролка, пратеничка и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи ѝ на Богданка Кузеска, портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз, која претходно на прес-конференција соопшти дека фирми на најблиското семејство на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се регистрирани во Бугарија, но и праша колку милиони евра свртеле и каде завршиле тие пари.

Порача дека доколку нема одговор на ова прашање, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја информира јавноста.
„Жалам што Кузеска и СДС се служат со невистини и манипулации обидувајќи се дека преку креирање лаги ќе ја сокријат вистината за што ние веќе неколку дена објавуваме факти и аргументи, а одговори од страна на СДС, Венко Филипче и Кузеска нема“,
рече таа.
Претходно Кузеска на прес-конференција соопшти дека почнуваат со откривање на шемите на фирмите на најблиското семејство на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Бугарија и во Македонија.
„Денес ќе дознае јавноста, зошто ДПМНЕ и Мицкоски всушност ширеле лаги за претседателот Венко Филипче, тоа било единствено за една цел, за да ги покријат фамилијарните бизниси на Мицкоски во Бугарија и Македонија. Во следните денови јавноста ќе ја дознае вистината за тоа кој од најблиското опкружување на Мицкоски врти милиони и како го поддржува Мицкоски“,
вели таа.
Според тврдењата што ги изнесе таа, на улицата „Антон Попов“ број 57 во бугарскиот град Петрич наводно е регистрирана фирмата „Дано транс“ ЕООД, на баџанакот на Мицкоски – Јорданчо Јанев.
Упати серија прашања до премиерот Мицкоски во врска со изнесените тврдења и порача дека доколку не одговори, СДСМ ќе ги објави сите информации.
„Го прашуваме денеска Христијан Мицкоски. Има ли фирми со исти или слични имиња и во Македонија? Дали овие фирми и овие лица се финансиери на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ? Колку милиони евра свртеле и каде завршиле дел од тие пари? Дали кај членови на семејството на Мицкоски или и во ВМРО-ДПМНЕ? Доколку Мицкоски не одговори, СДСМ ќе ги објави сите информации за тоа кој навистина врти милиони“,
подвлече портпаролката на опозицискиот СДСМ.
Инаку, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ изминатите неколку дена го обвинуваат претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, дека во анкетниот лист не пријавил фирма во Бугарија, во која тој и поранешниот лидер на партијата и експремиер Зоран Заев вртеле милиони.
