„Го прашуваме денеска Христијан Мицкоски. Има ли фирми со исти или слични имиња и во Македонија? Дали овие фирми и овие лица се финансиери на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ? Колку милиони евра свретеле и каде завршиле дел од тие пари? Дали кај членови на семејството на Мицкоски или и во ВМРО-ДПМНЕ? Доколку Мицкоски не одговори, СДСМ ќе ги објави сите информации за тоа кој навистина врти милиони“, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска
По неколкудневните прозивки од владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, крие фирма во Бугарија, од опозициската партија враќаат со иста мера.
Портпаролката на СДСМ, Богадна Кузеска, денеска на прес-конференција соопшти дека почнуваат со откривање на, како што кажа, шемите на фирмите на најблиското семејство на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Бугарија и во Македонија.
„Денес ќе дознае јавноста, зошто ДПМНЕ и Мицкоски всушност ширеле лаги за претседателот Венко Филипче, тоа било единствено за една цел, за да ги покријат фамилијарните бизниси на Мицкоски во Бугарија и Македонија. Во следните денови јавноста ќе ја дознае вистината за тоа кој од најблиското опкружување на Мицкоски врти милиони и како го поддржува Мицкоски“,
рече Кузеска.
Според тврдењата што ги изнесе таа, на улицата „Антон Попов“ број 57 во бугарскиот град Петрич наводно е регистрирана фирмата „Дано транс# ЕООД, на баџанакот на Мицкоски – Јорданчо Јанев.
„Јанев, кој важи за еден од најблиските соработници на Мицкоски, меѓу другото и фамилијарно поврзан, вртел пари преку оваа фирма. До 3 милиони бугарски лева биле свртени од оваа фирма во Бугарија, во 2018 година односно околу 1,5 милиони евра“,
изјави Кузеска.
Како што посочи портпаролката, во овој бизнис не бил вклучен само баџанакот на Мицкоски, туку на истата адреса во Петрич имало уште една – „Инфинити транспрот група“, чиј раководител и сопственик е Данчо Карастове, прв братучед на Јанев.
Од опозициската партијата упатија серија прашања до премиерот Мицкоски во врска со изнесените тврдења и порачаа дека доколку не одговори, СДСМ ќе ги објави сите информации.
„Го прашуваме денеска Христијан Мицкоски. Има ли фирми со исти или слични имиња и во Македонија? Дали овие фирми и овие лица се финансиери на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ? Колку милиони евра свретеле и каде завршиле дел од тие пари? Дали кај членови на семејството на Мицкоски или и во ВМРО-ДПМНЕ? Доколку Мицкоски не одговори, СДСМ ќе ги објави сите информации за тоа кој навистина врти милиони“,
подвлече портпаролката на опозискиот СДСМ.
Инаку, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ изминатите неколку дена го обвинуваат претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, дека во анкетниот лист не пријавил фирма во Бугарија, во која тој и поранешниот лидер на партијата и експремиер Зоран Заев вртеле милиони.
Она што е заедничко во меѓусебните обвинувања на власта и опозицијата, покрај наративот, е локацијата на фирмите.
„Филипче мора да одговори зошто ја сокрил фирмата во Петрич од анкетниот лист, дали ја сокрил за да не се поврзе со ‘Медикал 420’ од каде исчезнуваше марихуана за да не се поврзе со скандалот за оневозможување на акцијата на американската ДЕА (Агенција за борба против трговија со дрога). Адресата во Петрич, Бугарија која пратеникот и претседател на СДСМ, Венко Филипче сакал да ја сокрие очигледно е местото од кое се вртат парите на фамилија Заеви и Филипче“,
обвинија и денеска преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму тврдат дека адресата на која е регистрирана фирмата што Филипче наводно ја крие е „Гоце Делчев“ број 12, на која претходно, според владејачката партија биле регистрирани низа фирми на фамилијата Заеви, од кои најпозната е „Медикал 420 БГ“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, „Медикал 420 БГ“ е фирмата во чија подружница во Битола во 2022 биле пронајдени наркотици во вредност од 800 илјади евра, иако на истата фирма една година претходно и била одземена лиценцата за производство на марихуана.
„Ова беше СДС и како тие владееја. Ова СДС сега уште е водено од истите луѓе, истиот близок круг и фирми кои се наоѓаат на иста адреса“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.