Досегашниот потпретседател на парламентот очекува досегашниот спикер да се појави на работното место во вторник, на 4 август и да ја отвори конститутивната седница
Досегашниот потпретседател на парламентот Горан Мисовски в недела ќе ја предводи државната делегација на централната манифестација од одбележувањето на Илинден на Мечкин Камен, додека премиерот Оливер Спасовски ќе биде во Скопје, а претседателот Стево Пендаровски во Пелинце.
Мисовски ни потврди дека ќе го заменува досегашниот претседател на парламентот Талат Џафери на одбележувањето на 117- годишнината од Илинденското востание во Крушево.
Поради влошената здравствена состојба, со симптоми на ковид-19, и покрај неколку негативни теста, Џафери е хоспитализиран на Инфективната клиника, што го спречи да оди за Крушево овој викенд.
Мисовски, кој се слушнал денеска со Џафери, за да се договорат за учеството на манифестацијата во Крушево, очекува досегашниот спикер да се појави на работното место во вторник, на 4 август, и да ја отвори конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав.
Џафери, пред два дена, ја закажа конститутивната седница, со која, во негово отсуство, би требало да претседава највозрасниот пратеник, а во случајот тоа е Стојан Миланов (72) од СПМ, односно од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова“.
Од СДСМ најавуваат дека од 4 јули ќе почнат и преговорите за составување на новата влада, за која досегашниот технички премиер Оливер Спасовски најави денеска дека ќе биде многу скоро договорена.
Сепак, сѐ уште е неизвесно дали уште на 4 август, кога почнува конститутивната седница, ќе биде избран претседател на новиот собраниски состав, што треба да биде прв сигнал за тоа кои партии ќе учествуваат во новото парламентарно мнозинство.