Потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски, вели дека лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски залудно се надева дека наесен ќе има нови избори.
„Мицкоски секој ден ги менува ставовите. Нели до пред некој ден велеше дека тој ќе формира влада, дека составува парламентарно мнозинство. Сега вели нови избори. Тоа е сепак негова работа. Изборите поминаа. На нив има јасен победник. Тоа е СДСМ. Ние ќе ја формираме новата влада“,
вели Спасовски во интервју за „Утрински брифинг“.
Потпретседателот на СДСМ укажува дека разговорите за составот и за принципите на кои ќе функционира идната влада ќе почнат по празниците.
„Прво ќе ги формираме работните партии за преговори, а потоа ќе почнеме да разговараме со политичките партии кои што сметаме дека може да бидат дел од идната влада. Тоа се партии кои се проевропски, посветени кон развојот на државата и остварување на вториот национален интерес, членството во ЕУ“,
вели тој.
Спасовски ги оцени како небулозни обвинувањата на Мицкоски дека СДСМ го крои парламентарното мнозинство со купување опозициски пратеници.
„Наводното купување на пратеници е уште една небулоза на Мицкоски од спектарот небулози кои секојдневно ги кажува. Ние сме сериозни и така ќе се однесуваме и при формирањето на владата. Низ разговор, низ дијалог, со прифаќање на принципите за кои се залагаме, тоа ќе биде основа на која ќе побараме поддршка од пратениците во македонското собрание. Очекувам тоа да се случи многу скоро по формирањето на македонското Собрание“,
вели потпретседателот на СДСМ. Оливер Спасовски.