На 21 јули Владата прогласи кризна состојба во Гостивар со цел побрза координација на институциите, како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок

Армијата останува ангажирана во Гостивар и ќе продолжи да им помага на граѓаните сѐ додека има потреба, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски при денешната посета на касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.
Тој информираше дека Армијата веќе неколку дена е на терен, каде со цистерни со техничка вода и друга опрема им дава поддршка на институциите и на населението погодено од непогодите.
Денеска, Министерството за здравство информираше дека се намалува бројот на новозаболени во Гостивар. Вкупно 197 пациенти побарале лекарска помош во текот на вчерашниот ден, што е намалување на бројот на новозаболени во однос на претходниот ден, кога се направени вкупно 233 прегледи.
Инаку, водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е исправна ниту за пиење ниту за користење како техничка, информираа вчера на прес-конференција од Управувачкиот комитет. Се вршат напори гостиварци да добијат техничка вода до крајот на неделава.
На 21 јули Владата прогласи кризна состојба во Гостивар со цел побрза координација на институциите, како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок.
