Во Општа болница „Д-р Ферид Мурад“- Гостивар се регистрирани вкупно 117 нови прегледи, од кои 82 на инфективното одделение (без нови хоспитализации и три исписи), 40 на педијатриското одделение и седум прегледи во Ургентниот центар, што претставува намалување во однос на претходниот ден, информираат од Министерството за здравство
Според податоците од јавните здравствени установи во Гостивар, во текот на вчерашниот ден (23.7.2026 година) се евидентирани вкупно 197 новопрегледани пациенти, односно лица што првпат побарале лекарска помош, информира Министерството за здравство. Ова претставува намалување на бројот на новозаболени во однос на претходниот ден, кога се направени вкупно 233 прегледи.

Во Општа болница „Д-р Ферид Мурад”-Гостивар се регистрирани вкупно 117 нови прегледи, од кои 82 на инфективното одделение (без нови хоспитализации и три исписи), 40 на педијатриското одделение и седум прегледи во Ургентниот центар.
Во Здравствениот дом Гостивар се реализирани 80 нови прегледи во дежурната служба и 13 повици стигнале до Итната медицинска помош.
Инаку, водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е исправна ниту за пиење ниту за користење како техничка, информираа вчера на прес-конференција од Управувачкиот комитет.
Надлежните уверуваат дека се вршат напори гостиварци да добијат техничка вода до крајот на неделава.
„Ќе вршиме секојдневни мерења на хлорот кај крајните корисници преку мрежата и доколку биде утврден соодветен параметар како што се очекува, до крајот на оваа недела се надеваме дека би имале соодветна техничка вода која би можеле да ја користат граѓаните на Гостивар, а претпоставките се доколку сè биде во ред со соодветниот третман, да можеме до крајот на наредната недела да имаме вода за пиење. Тоа исклучиво ќе важи само доколку во континуитет имаме двапати резултати кои ќе исклучат какви било потенцијални штетни ефекти во рамки на испитувањата . Ќе се врши плакнење на примарната мрежа во рамки на Општина Гостивар, со цел да можеме да дојдеме до посакуваните резултати, да дојдеме прво до сигурна техничка вода“,
кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
На 21 јули Владата прогласи кризна состојба во Гостивар со цел побрза координација на институциите, како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок.
