Во МЗ веќе стигнале две писма од компанијата и правниот тим бара начини како да ја намали сумата, но и да не се плаќа заостанатата камата, со која таа ќе биде драстично поголема. Од Министерството за здравство ниту ја демантираат, ниту ја потврдуваат информацијата дека ќе треба да потрошат многу пари за раскинување на договорот.
Министерството за здравство (МЗ) треба да исплати 8,5 милиони евра поради раскинување на договорот за изградба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, дознава телевизија Сител. Договорот го потпиша министерот Никола Тодоров во времето кога премиер беше Никола Груевски. Овој договор го раскина поранешниот министер Венко Филипче, а сега Министерството на чело со Беким Сали треба да ги плати пеналите на италијанската фирма.
Според информации на телевизијата, во МЗ веќе стигнале две писма од компанијата и правниот тим бара начини како да ја намали сумата, но и да не се плаќа заостанатата камата.
Од Министерството за здравство ниту ја демантираат, ниту ја потврдуваат информацијата дека ќе треба да потрошат многу пари за раскинување на договорот.
Во 2017 година кога Никола Тодоров како технички министер го потпиша договорот со италијанската фирма кажа дека новиот објект ќе биде изграден за 5 години и ќе чини 72 милиони евра.
Претходниот министер за здравство Венко Филипче ниту еднаш не потврди дека фирмата со која го раскина договорот ќе бара плаќање на пенали. Арбитражен суд е една од опциите на сегашниот прв човек во здравствениот систем за да не даде толку многу пари во време на економска криза.
Министерот за здравство Беким Сали, во јули годинава изјави дека градењето на нов Клинички центар останува приоритет број еден за него, но се уште не е најдено најдоброто финансиско решение за негова изградба.
„За мене како министер од првиот ден на стапување на функцијата приоритет број еден останува нов Клинички центар. Тоа е комплексен проект кој бара неколку решенија меѓу кој и финансискиот дел. Поради немање досега на најдобро финансиско решение за реализација на тој проект, ние продолжуваме со реновирање и унапредување на условите за секојдневна работа на нашите клиники во целата наша држава и вработените во овие клиники. Сè до моментот на финално решение односно затворање на тој мозаик на потреби неопходни за реализација на таков капитален проект ние ќе продолжиме со реновирање и адаптирање на сите болници“,
рече Сали.