Имајќи предвид дека и во железничкиот и во патниот Коридор 8 недостасуваат делници кои треба да се изградат односно надградат за да бидат на ниво на барањата на ТЕН-T мрежата, ова бара време, но и огромни финансиски средства. Поддршката од ЕУ, поконкретно од Европската комисија е суштинска. И во оваа пригода ја бараме вашата поддршка во реализирање на нашето барање за влез на нашите коридори во основната ТЕН-Т мрежа, особено на западниот дел од Коридорот 8, рекол министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој престојува во работна посета на Брисел
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска во Брисел побара техничка и финансиска поддршка од Европската комисија за коридорите 8 и 10.
Бочварски, кој престојува во работна посета во Брисел, каде што учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница за Западен Балкан, чиј домаќин се Европската комисија и комесарката за транспорт Адина-Јоана Вален, на средбата го нотирал Коридорот 8 како значаен за регионалната интеграција и побарал од Европската комисија тој да биде вметнат во единствениот Европски коридор за Западен Балкан.

Во своето обраќање министерот Бочварски ја потенцирал стратегиската определба на Владата за изградба на патниот и железнички Коридор 8 со посебен акцент на доизградбата на железничкиот крак исток-запад за постигнување на ТЕН-Т стандардите на транспортната мрежа.
„Имајќи предвид дека и во железничкиот и во патниот Коридор 8 недостасуваат делници кои треба да се изградат односно надградат за да бидат на ниво на барањата на ТЕН-T мрежата, ова бара време, но и огромни финансиски средства. Поддршката од ЕУ, поконкретно од Европската комисија е суштинска. И во оваа пригода ја бараме вашата поддршка во реализирање на нашето барање за влез на нашите коридори во основната ТЕН-Т мрежа, особено на западниот дел од Коридорот 8. Нотираме дека регионалната соработка во Западен Балкан е коориднирана и во однос на реализација за ТЕН-Т Коридорот 8 е на високо ниво“,
истакнал Бочварски, стои во соопштението од Министерството за транспорт и врски.
Инаку, ТЕН-Т е кратенка од Трансевропска транспортна мрежа, односно планирана мрежа на патишта, железници, аеродроми и водна инфраструктура во Европската унија. Мрежата ТЕН-Т е дел од поширокиот систем на трансевропски мрежи, вклучувајќи телекомуникациска мрежа (е ТЕН) и предложена енергетска мрежа (ТЕН – Е или ТЕН – енерџи). Европската комисија ги усвои првите акциони планови за трансевропските мрежи во 1990 година.
Како дел од акцискиот план, Бочварски го истакнал воспоставувањето на сигурен и безбеден транспорт преку изготвениот нацрт Закон за формирање на Агенција за безбедност како и воспоставувањето на Интелигентниот транспортен систем на Коридорот 10.
За таа цел, министерот побарал техничка и финансиска помош од Европската Унија.
„Исклучително би ценеле доколку ни се овозможи техничка помош за Агенцијата за безбедност за континуирана и одржлива поддршка во воспоставувањето и функционирањето на целокупниот систем за безбедност на патиштата во земјата на принциот на т.н. `Safe system approach`. Во исто време би сакал да потенцирам и за огромната потреба од финансиска поддршка во смисла на поголем пристап до грант средства, особено за сложените регионални инфраструктурни проекти”,
посочил Бочварски.

Околу постигнување на целите за усогласеност на транспортната мрежа со ЕУ, министерот Бочварски нотираше дека С Македонија напредува со добра стапка која е на нивото како и земјите од Западен Балкан.
На состанокот покрај министерот Бочварски, присуствуваа и министрите за транспорт и инфраструктура од земјите од Западен Балкан, како и претставници од Владата на Грузија, Молдавија и Украина.
Во рамки на Министерскиот совет се потпиша и Декларација за воспоставување на поблиска соработка во транспортниот сектор меѓу ЕУ, земјите од Западен Балкан и Грузија, Молдавија и Украина како чекор понапред во развојот на меѓународниот транспорт во Европа.
Автопатските делници на Коридорите 8 и 10 треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“, а постапката за избор на консултант и надзор за е сè уште во тек. Имено на повторената постапка за избор на надзор и консултант за автопатите крајниот рок за доставување на понудите беше 17 октомври, а по 30 дена, односно деновиве треба да се избере најповолниот понудувач.