Кочан е еден од осудените во случајот „Труст“ на СЈО. Основниот кривичен суд – Скопје го осуди на шест години затвор, но потоа скопскиот Апелациски суд му ја намали казната на четири години и 8 месеци
Во Министерството за правда (МП) е пристигнато барањето за помилување од Сеад Кочан, но оттаму сè уште не донеле мислење, велат од МП за „360 степени“, откако вчера Алсат ТВ објави дека бизнисменот бара да биде помилуван од државата.
Од ресорното министерството потенцираат и дека податоците и преземените дејствија во ваквите постапки се тајни.
„Во постапката за помилување, поведена по молба од осуденото лице, податоците се лични и доверливи, како и преземените дејствија на казнено-поправните установи, судовите и на Министерството за правда, согласно Законот за помилување и Упатството за постапување на судовите и казнено-поправните установи по предметите за помилување. Министерството за правда носи мислења за помилувања на редовна основа и тоа е вообичаена пракса за многу осудени лица кои бараат скратување на казната или помилување“,
велат од МП.
Сепак, како што налага процедурата, а тоа го потенцираат и од Министерството, конечната одлука дали бизнисменот ќе биде помилуван и предвреме ќе излезе од затвор не е во нивни раце.
„Конечната одлука за помилувањата ја носи Комисијата за помилување на претседателот на Република Северна Македонија. Решението за помилување донесено од претседателот се објавува во ’Службен весник’“
додаваат од Министерството за правда.
Кочан е еден од осудените во случајот „Труст“, кој своевремено го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Основниот кривичен суд – Скопје го осуди на шест години затвор, но потоа скопскиот Апелациски суд му ја намали казната на четири години и 8 месеци затвор. На издржување на затворската казна во Идризово тој влезе пред околу две години и два месеца (1 август 2019).
Со првостепената пресуда од Кривичен суд, покрај Кочан осуден беше и Василие Авировиќ, на три години затвор, а Сафет Ветиќ доби ослободителна пресуда. Апелација потоа ја потврди одлуката за Ветиќ, додека на Авировиќ тригодишната затворска казна ја преиначи во две години условна казна, која нема да се изврши ако во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Предметот се однесува на лажирање документација од страна на фирмите за учество на тендер на државната компанија ЕЛЕМ (сега ЕСМ), во вредност од 17 милиони евра за ископување јаловина и јаглен од рудникот „Суводол“ во Битола, па покрај казните, со пресудата се предвидува и конфискација на имот.
Претходно, Кочан се обиде да ја урне пресудата преку барање за вонредно преиспитување на пресудата од Врховниот суд, но оттаму тоа го отфрлија како неосновано и ја потврдија пресудата на Апелација.