Во јули годинава Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура. Но до неодамна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во повеќе наврати посочи дека сè уште чека на потпис од градоначалничката Данела Арсовска за да може и формално да ја преземе надлежноста за реконструкција
Правото за реконструкција на Универзалната сала официјално е пренесено од Град Скопје на Министерството за култура, информираа од Владата соопштувајќи дека на денешната седница била усвоена информацијата од Министерството за пренесување на правото за реконструкција.

Согласно одлуката, по приемот на сите документи од Градот Скопје, Култура ќе треба да ја согледа проектно-техничката и финансиската документација за реконструкција на објектот и за потребните финансиски средства да обезбеди согласност за преземање на обврски на буџетски корисници за наредни три години.
„Владата ја задолжи министерката за култура да го склучи доставениот текст на договор за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу договорните страни во врска со реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје“,
се вели во соопштението од Владата.
Во јули годинава Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура. Но до неодамна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во повеќе наврати посочи дека сè уште чека на потпис од градоначалничката Данела Арсовска за да може и формално да ја преземе надлежноста за реконструкција.
Сега, како што пишува таа на својот фејсбук-профил, по серија иницијативи на Министерството, конечно е постигнат договор со Град Скопје согласно одлуката на советниците.
„Ги повикувам надлежните од Град Скопје веднаш да ја достават целокупната документација до Министерството за реконструкцијата да продолжи час поскоро“,
пишува Костадиновска-Стојчевска на Фејсбук.