Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, кој доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, на социјалните мрежи напиша дека за настанот е известен надлежен јавен обвинител и дека во моментов се постапува
Во однос на инцидентот што се случи изутринава пред угостителски објект на територија на СВР Скопје, а во кој биле инволвирани полициски службеници, сакам да ја известам јавноста дека најостро осудувам секаков вид насилство, а особено кога тоа е сторено од вработени во Министерството за внатрешни работи, напиша на социјалните мрежи министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ. „360 степени“ објави дека Ивица Б., вработен во МВР и член на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е приведен синоќа по полноќ откако спречил колеги полицајци во акција за откривање недозволена трговија во познат локал во Скопје.
„За наведениот настан веднаш е известен надлежен јавен обвинител кој даде насоки по кои во моментов се постапува, а од страна на надлежните служби во министерството побарав максимално професионално и согласно стандардните оперативни процедури да се постапи, со цел во најбрз можен рок да се расчисти овој случај, а за исходот од преземените дејствија веднаш ќе биде известена јавноста“,
напиша министерот.

Претходно со осуда за инцидентот се јави и партијата ВМРО-ДПМНЕ од каде што кажаа дека лицето што било инволвирано во синоќешниот инцидент ќе биде отстрането од обезбедувањето на лидерот Христијан Мицкоски и дека нема да има никакви работни ангажмани поврзани со претседателот на партијата. Од партијата велат дека тоа лице е ангажирано како дел од обезбедувањето, но не е шеф на обезбедувањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од она што ни е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници. Бараме органите, без задршка да ги првземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид насилство постапувајќи во согласност со законот“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно од Министерството за внатрешни работи за „360 степени“ информираа дека настанот се случил доцна синоќа, во 00:40 часот по полноќ, во угостителски објект на подрачје на Општина Центар, а лицето И.Б. било лишено од слобода од страна на припадници на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје.
„Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“,
велат на МВР.
Утринава објавивме дека членот на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ивица Б., нападнал колега полицаец кој извршувал службени дејствија, а веднаш по нападот бил лишен од слобода. Непотврдени информации велат дека полицијата, во потрага по дрога, сакала да изврши претрес во познат скопски локал, но дека Ивица Б., кој бил внатре во објектот, се обидел да ја спречи акцијата, по што е уапсен.
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бомјацалиев, кој доаѓа од редовите на СДСМ, на социјалните мрежи напиша дека македонската историја не памети ваков случај на поранешен полициски функционер да нападне и да спречи свој колега во извршување на службена дејност и побара максимално професионално да се расветли овој случај.
Ивица Б. е вработен во МВР и на барање на ВМРО-ДПМНЕ е дел од обезбедувањето на лидерот на партијата Христијан Мицкоски. За време на мандатот на Наќе Чулев како министерот за внатрешни работи во техничката влада во 2020 година, Ивица Б. беше именуван за командант на елитната полициска единица ,,Тигри”, една од 15-те позиции на кои Чулев направи промени.