„Длабоко им се извинувам на луѓето за неодамнешната несреќа, се случи и покрај тоа што државата сноси бесконечна одговорност за безбедноста на луѓето“, изјави министерот за внатрешни работи на Јужна Кореја во врска со стампедото во кое загинаа 156 лица
Трагичниот инцидент се случи во саботата во областа Итаевон во јужнокорејската престолнина Сеул, за време на прославата на Ноќта на вештерките, при што загинаа 156 луѓе, главно млади лица
Признавајќи дека државата ја сноси одговорноста за безбедноста на луѓето, министерот за внатрешни работи на Јужна Кореја, Ли Санг-мин, се извини за несреќата во која загинаа 156 лица за време на Ноќта на вештерките во јужнокорејската престолнина Сеул.
„Длабоко им се извинувам на луѓето за неодамнешната несреќа, се случи и покрај тоа што државата сноси бесконечна одговорност за безбедноста на луѓето“,
рече Ли Санг-мин.
Претходно, шефот на јужнокорејската полиција изјави дека одговорот на безбедносните сили бил „недоволен“ бидејќи добиле неколку известувања за непосредна опасност пред несреќата во Сеул.
„Полицијата уште пред несреќата знаела дека се собрале голем број луѓе и оти има голем метеж, а тоа требало да биде итен сигнал за можна опасност“,
изјави началникот на националната полиција Јун Хи Кеун и додаде дека начинот на кој биле обработени информациите бил недоволен.
Трагичниот инцидент се случи во саботата во областа Итаевон во јужнокорејската престолнина Сеул, за време на прославата на Ноќта на вештерките, при што загинаа 156 луѓе, главно млади лица.
Локалните медиуми тогаш јавија дека околу 100 илјади луѓе се движеле во тој дел на Сеул, што е најголемиот собир од укинувањето на рестрикциите воведени поради пандемијата на коронавирусот.
Меѓу жртвите во најсмртоносното стампедо во историјата на Јужна Кореја пријавени се државјани од Иран, Кина, Русија, САД, Јапонија, Франција, Австралија, Норвешка, Австрија, Виетнам, Тајланд, Казахстан, Узбекистан и Шри Ланка.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јол прогласи еднонеделна национална жалост по смртоносната несреќа, а се очекува тој да претседава со заеднички владино-цивилен состанок во наредните денови за да се разгледаат безбедносните мерки за луѓето на вакви настани.
Јужнокорејската полиција, исто така, започна истрага со официјални лица кои ги анализираа видео снимките од стампедото и ги испрашуваа сведоците.