Министерот за внатрешни работи во техничката влада Наќе Чулев денеска ги потврди пишувањата на „360 степени“ дека сака да да го преземе Синиша Алексовски од Агенцијата за разузнавање во МВР.
Денеска тој, одговарајќи на новинарски прашања, потврди дека за Алесовски е испратена спогодба за преземање до Агенцијата за разузнавање, но, како што рече, за него ниту е поведена кривична постапка ниту е обвинет во некој случај досега.

„Сè друго е инсинуации во медиумите во однос на неговиот интегритет. Досега нема ниту обвинителен акт, ниту кривична пријава, ниту е осуден за какво било дело“,
рече Чулев.
„360 степени“ во саботата објави дека министерот Чулев почнал процедура за преземање на контроверзниот екссоветник на претседателот Ѓорге Иванов, од Агенцијата за разузнавање (АР) во МВР.

Барањето за Алексовски е дел од вториот бран преземања од Агенцијата за разузнавање што ги иницира министерот Чулев откако веќе завршил трансферот на петмина вработени од АР во МВР. Во втората тура Чулев, кој инаку беше директор на АР именуван од Ѓорге Иванов, покрај на Алексовски бара преземање на уште тројца вработени од Агенцијата за разузнавање.
Еден ден откако објавивме дека дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска потврди дека трансферот засега не се случил поради тоа што таа не дала согласност за тоа.

„Согласно потребите на кабинетот на техничкиот министер Чулев, заедно потпишавме спогодби за преземање на петмина вработени од АР во МВР и тие се реализирани. Точно е дека одбив да потпишам дополнителна согласност за спогодбено преземање на четворица вработени од Агенцијата за разузнавање на позиции во Министерството за внатрешни работи. Тоа го направив од причина што не бев доволно убедена во аргументите за неопходноста за нивно ангажирање во МВР. Сметам дека во Министерството има доволно професионалци што можат да придонесат за организирање и спроведување фер и демократски избори и кои немаат никакви дамки и поврзаност со настани во кои била загрозена безбедноста на државата“,
вели Петровска во изјава за „360 степени“.
Кои се досега преземените вработени
Од позициите на кои се поставени досега преземените вработени од АР може да се заклучи дека Чулев и во МВР сакал да се потпре на своите најблиски соработници од Агенцијата:
– Марјан Христов, е именуван за шеф на кабинетот на Чулев во МВР;
– Мухамед Исмаиљи, за државен советник во кабинетот;
– Здравко Стојков, за помошник-министер за ИТ;
– Виктор Ѓорѓиевски, обезбедување;
– Андријана Сапунџиева-Кокарева, лична асистентка на Чулев.
Кој е Синиша Алексовски
Името на Синиша Алексовски беше споменато од српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во контекст на крвавите настани во Собранието на 27 април 2017 година. Живаљевиќ изјави дека бил присутен во парламентот на 27 април со дозвола од кабинетот на Иванов, поточно од советникот за безбедност на претседателот Синиша Алексовски.

Кабинетот на Иванов реагираше на изјавата на Живаљевиќ и соопшти дека македонските служби не побарале услуги од него. Како што рекоа од кабинетот на Иванов, Живаљевиќ по завршување на дејствијата и активностите во Собранието испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и до посочениот советник Синиша Алексовски дека бил во Собранието, но „со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување“.
Еден ден по случувањата во Собранието на 27 април 2017 г., Зоран Заев го обвини претседателот Ѓорге Иванов дека заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, дека се организатори на обид за негово убиство.
Алексовски беше споменат и во судењето за „27 април“ од обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски, кои во своја одбрана пред судот кажаа дека им било пренесено дека Синиша Алексовски, советник за национална безбедност на Иванов, кажал дека ноќта на 27 април, во 22 часот, ќе биде прогласена воена состојба.
„Стаса информација дека Синиша Алексовски се јавил и кажал оти Иванов ќе предложи воена состојба. Рече дека воена полиција чека на готовс да го апси раководството на СДСМ. Но во 10 часот Иванов не го стори тоа“, рече во своето сведочење во понеделникот Михаил Младеновски.
По исказот на браќата Младеновски, Алексовски, преку соопштение од кабинетот на Иванов, кажа дека сведочењата се конструкции на лаги, непостоечки комуникации,празни муабети и дека доколку обвинетите знаеле кои се условите и административната процедура за прогласување воена состојба не би биле предмет на манипулација.