На средбата помеѓу министерот за европски прашања Орхан Муртезани и заменик-претседателката на владата на Украина, задолжена за европски и евроатлантски интеграции, министерка за правда и главен преговарач за членство на Украина во ЕУ, Олга Стефанишина, била потенцирана важноста на европската интеграција како стратегиски приоритет за земјава и за Украина
Меморандумот за разбирање е важен чекор кон градење на блиски релации помеѓу С Македонија и Украина, со цел да се добие на размена на знаење и искуства со кои двете земји поуспешно ќе ги остварат заедничките цели на патот кон полноправно членство во Европската Унија – ова е само една од многуте пријателски и позитивни пораки разменети на денешната средба помеѓу министерот за европски прашања Орхан Муртезани и заменик-претседателката на владата на Украина, задолжена за европски и евроатлантски интеграции, министерка за правда и главен преговарач за членство на Украина во ЕУ, Олга Стефанишина.

Од кабинетот на Муртезани велат дека министерот изразил подготвеност С Македонија да го сподели своето искуство од пристапниот процес со Украина и оти размената на добри практики ќе биде од важно значење за двете земји. Со овој меморандум ќе се споделуваат и искуства и знаења во различни области, вклучувајќи законодавство, судски реформи, борба против корупција и организиран криминал, како и промоција на европските вредности.
„С Македонија ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија, а оваа посета го потврдува нашиот заеднички стремеж кон европските вредности. Процесот на пристапување кон Европската Унија не треба да биде исклучив, туку инклузивен и базиран на заслуги, овозможувајќи и на Украина и на земјите од Западен Балкан правична шанса за напредок. Единството и солидарноста меѓу нашите народи се клучни за градење силна и обединета Европа“,
изјави Муртезани.
Заменик-претседателката на владата на Украина, пак, изрази благодарност за континуираната поддршка од С Македонија посочувајќи дека заемната соработка е од суштинска важност за европската перспектива на двете земји. Стефанишина дополнително кажа дека Украина гледа на С Македонија како партнер и пријател во евроинтегративниот процес.
На средбата се разгледаа и можностите за продлабочување на регионалната соработка преку заеднички проекти и иницијативи, особено во области каде што преку тесна соработка би можеле да се зајакнат напорите на двете земји за пристапување во Унијата.