Целосна поддршка за КФОР и сите нивни идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во регионот, напиша Петровска
Осуда за инцидентите на северот од Косово денеска на својот фејсбук-профил упати и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
„Силна осуда за инцидентот што се случи денес во Косово и за сите оние кои придонеле за тој да се случи. Од современите политички лидери се очекува да донесат мир и просперитет, а не поделби и конфликти. Целосна поддршка за КФОР и сите нивни идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во регионот“,
напиша Петровска на Фејсбук.
Осуда за убиството на косовскиот полицаец денеска имаше и од министерот за надворешни работи Бујар Османи и од првиот вицепремиер Артан Груби.
Османи, изразувајќи сочувство до семејството и пријателите на убиениот полицаец и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените, го осуди убиството и побара темелна истрага и гонење на сите одговорни за овој чин на насилство. Тој порача дека стабилноста и безбедноста на Косово нема да бидат нарушени од акти на насилство и истакна дека безбедноста на граѓаните е најважна.
Првиот вицепремиер Груби на својот фејсбук-профил напиша „планираните дестабилизирачки случувања во северно Косово кон полицијата, државата и регионот се неприфатливи“.
„Нападот и убиството на косовскиот полицаец е обид за поттикнување криза и конфликт со последици врз мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот регион. Најостро го осудувам нападот врз косовските полициски сили во кој е убиен полицаец и има повредени. Апелирам на грижа и зрелост, итно апсење на убијците и стабилизација на ситуацијата“,
напиша Груби.
Осуди за убиството на косовскиот полицаец доаѓаат од сите страни. Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на социјалната мрежа „Икс“ напиша дека ЕУ најостро го осудува грозоморниот напад врз косовските полицајци во Бањска на северот на Косово и повика одговорните виновници да се соочат со правдата.
Осуди има и од специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој според неофицијални информации се наоѓа во Приштина, како и од европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји.
„Најостро го осудувам нападот врз косовската полиција. Насилството мора веднаш да престане. Ја поддржуваме работата на ЕУЛЕКС и КФОР на терен и повикуваме на целосна истрага“,
напиша Вархеји на „Икс“ изразувајќи најдлабоко сочувство до семејството на убиениот полицаец и на повредените им посака брзо закрепнување.
Косовската полиција попладнево соопшти дека се убиени три лица кои утрово се судриле со нејзините припадници на северот на земјата, каде што загина еден полицаец, а друг беше повреден.
За друго лице кое било униформирано и вооружено, косовската полиција вели дека е уапсено.
Исто така, при рутинска контрола на возила, во атарот на селото Рударе, полициските единици привеле четворица осомничени кои нелегално поседувале радиоопрема, а се осомничени дека се поврзани со криминални групи, соопштија од косовската полиција и додаваат дека сите понатамошни дејства ќе се преземаат во соработка и координација со правосудните органи.