Според СДСМ, за предлогот за повисока минимална плата гласале единствено пратениците од нивната коалиција и пратеникот Миле Цеков, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН одбиле да дадат поддршка, а пратениците од ДУИ исто така не биле присутни во салата
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), преку соопштение до јавноста, упати критики до опозициската Левица и владејачкото мнозинство, обвинувајќи ги за бојкот на предлогот за зголемување на минималната плата на 600 евра во македонското Собрание.
Од партијата посочуваат дека за време на денешното гласање пратениците на Левица не биле присутни во собраниската сала, со што, според СДСМ, се потврдува дека јавно лажно се претставуваат како заштитник на работниците.
„На Светскиот ден за пристојна работа, Левица уште еднаш потврди дека е само сателит на Мицкоски и партија на далечинско управување. Јавно лажно се претставуваат како заштитници на работниците, а кога треба да се донесе одлука за нивните плати, ги оставаат пред врата“,
се наведува во партиското соопштение со кое испратија и фотографија од собранискиот монитор со деталните резултати од гласањето.

Според СДСМ, за предлогот за повисока минимална плата гласале единствено пратениците од нивната коалиција и пратеникот Миле Цеков, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН одбиле да дадат поддршка, а пратениците од ДУИ исто така не биле присутни во салата.
Од СДСМ порачуваат дека работниците не живеат од пароли и не ги плаќаат сметките со соопштенија и не ги полнат фрижидерите со политички претстави , туку за тоа им треба повисока плата. Партијата најави дека ќе продолжи со борбата за зголемување на минималната плата и заштита на работничките права.
