Минималната плата во текот на 2022 година ќе се зголеми минимум на 18 000 денари, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
„Согласно проекциите и анализите што се направени, тоа ќе се случи најверојатно во вториот квартал од годинава“,
рече Бектеши во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Бирото за метрологија.
Зголемувањето на минималната плата утре ќе биде една од темите за разговор и на средбата што ќе ја имаат Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во Владата. Од ССМ бараат и скалесто зголемување на сите други плати, како и утврдување на правото на регрес на вработените во јавниот сектор. Синдикатите најавија дека утре ќе разговараат и за примената на новите законски одредби за недела неработен ден бидејќи одредени работодавци го кршат правилото.
Фото: МИА