Членот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ порача дека е време ДУИ да оди во опозиција бидејќи самата го прекршила правилото за коалицирање победник со победник
Кога ќе завршат преговорите со „Вреди“, ќе се отвори можноста и за разговори со Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски, изјави членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во гостување на телевизија Алфа.

Милошоски ова го кажа прашан за изјавите на партискиот лидер Христијан Мицкоски дека имаат 61 пратеник, а со прегласувањето в среда на седум избирачки места во петтата и шестата изборна единица ВМРО-ДПМНЕ очекува во Собранието да има 62 мандати.
„Да, точна е изјавата на претседателот Мицкоски дека во овој момент ВМРО-ДПМНЕ има консолидирано 61 пратеник. Со прегласувањето во среда и реалната шанса во петтата изборна единица да го добиеме единаесеттиот пратеник, ВМРО-ДПМНЕ веќе ќе има консолидирано 62 пратеници. Потоа продолжуваат преговорите со коалицијата ‘Вреди’, која има 13 пратеници, а можно е да го освојат и четиринаесеттиот. И кога ќе завршат тие преговори, сметам дека ќе се отвори можноста и за разговори со политичката партија ЗНАМ“,
вели Милошоски.
Членот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ порача дека е време ДУИ да оди во опозиција бидејќи самата го прекршила правилото за коалицирање победник со победник.
Според Милошоски, ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети треба да се спремаат за една мирна и цивилизирана транзиција како во секоја европска држава.
„Самите принципи кои ги наметна ДУИ во 2016 година, односно самите принципи кои ги прекрши, сега нема право ДУИ да се повикува на било што, и затоа сметам дека е добро да се спремаат за една мирна, цивилизирана транзиција како во секоја европска држава“,
рече тој.
Коментирајќи ги изјавите кои дојдоа од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ и лидерот Ахмети дека со прегласувањето на одредени избирачки места се врши изборен инженеринг, Милошоски е со став дека ДУИ била таа која вршела изборен инженеринг со обидот за бојкот на вториот круг на претседателските избори.
„Да говори за изборен инженеринг човек којшто на вториот круг на гласање за претседателските избори денот го започна како структура во ДУИ, со организиран бојкот за да се наруши цензусот, тоа е веќе изборен инженеринг. Се гледа дека ДУИ веќе го изгуби компасот и очигледно е дека Ахмети веројатно во последните неколку години е повеќе под влијание на Артан Груби, Бујар Османи и на некои други луѓе од тоа бизнис-крило, отколку што е под влијание на порационалните луѓе во ДУИ, коишто спроведуваат конвенционална политика“,
рече Милошоски.