Ние би сакале да бидеме дел од овој процес за да се одвива непречено и би сакале да се консултираме со нив за овие прашања, рекол Милков
Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков денеска во Брисел, каде што присуствува на министерскиот состанок на НАТО, изјави дека и Бугарија сака да биде дел од процесот околу уставните измени во Македонија.
Коментирајќи го премачкувањето со боја на таблата на сега згаснатиот бугарски клуб „Иван Михајлов“ во Битола, Милков се осврнал и на процесот на уставни измени.
„Како што дознаваме, се разговара за варијанти на идните текстови со кои би се променил Уставот. Ние би сакале да бидеме дел од овој процес за да се одвива непречено и би сакале да се консултираме со нив за овие прашања. Во оваа смисла, вчера имав краток разговор со министерот Бујар Османи и се надевам дека ќе одговорат“,
изјавил Милков, пренесе БТА.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска за време на прес-конференцијата со хрватскиот колега Андреј Пленковиќ порача дека земјава има македонски модел за уставни измени и оти обврска на сите политички партии е да ги поддржат ваквите стратегиски одлуки важни за државата.
Ваков одговор тој даде на прашање на хрватските новинари дали е прифатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени да бидат според хрватскиот модел.