Одбраната бара ексдиректорот на УБК да биде ослободен од обвинение за набавката на британската опрема за следење на комуникациите во 2010 година
Не се докажа никаква вина и судот треба да го ослободи Сашо Мијалков од обвинение за набавката на британската опрема за следење на комуникациите во 2010 година од фирмата „Гама интернешнл“, побараа адвокатите на ексдиректорот на УБК во завршните зборови за предметот „Трезор“, каде што тој е еден од обвинетите.
„Целта на поднесеното обвинение не е утврдување на вистината за набавката, туку задоволување други потреби. Никој не ја оспори потребата од набавката“,
рече еден од неговите адвокати, Миле Петровски.
Мијалков не даваше завршни зборови и рече дека останува на тоа што го кажале неговите адвокати.
Неговата одбрана тврди дека тој, во јули 2010 година, не бил во Лондон за да ја договара набавката на британската опрема и во завршните зборови ги анализираше доказите и исказите на сведоците дадени во текот на судскиот процес од кои, според нив, не произлегува дека ексдиректорот на УБК има некаква вина.
Според обвинителството, пак, кое завршните зборови ги даде на минатото рочиште, наместо директно од фирмата „Гама интернешнл“ од Велика Британија, како најекономичен начин, опремата била набавена преку фирма посредник – „Финзи“. Како што потенцираа тогаш обвинителите Артан Ајро и Трајче Пеливанов, станува збор за компанија која првично била основана од офшор-фирма во САД, а на која како краен сопственик се јавува бизнисменот Орце Камчев. Како прв управител на скопската фирма бил регистриран братот на обвинетиот помошник-министер Небојша Стајковиќ, а потоа управител бил починатиот Коста Крпач. Оваа фирма, поради сомнителниот капитал и потекло, потенцираа тие, е дел и од истрагата „Империја“, каде што се осомничени и Мијалков и Камчев.
Денеска одбраната во своите завршни зборови се повикуваше на одговорите добиени од британските служби преку меѓународна правна помош кои, потенцираа, говорат дека нема докази дека Коста Крпач бил да договора нешто со „Гама“ и оти вработените во британската фирма не се сеќавале дека имало средба. Одбраната потенцираше и дека Британците одговориле и дека во досието на „Гама“ нема релевантни докази дека претставници на МВР имале некаква електронска комуникација во врска со набавката што се правела преку Финзи“, за која, пак, обвинителите потенцираа дека нема такви докази зашто „Гама“ ги чува само комуникациите за последните три години. Адвокатите, пак, потенцираа дека првото запознавање со „Гама“ на претставници од „Финзи“ се случило на саем во Прага, а не во Лондон, што било потврдено од еден од Британците и од исказот на Стајковиќ.
Адвокатот Петар Василев во завршните зборови тврдеше и дека Мијалков немал никаква врска и поврзаност со „Финзи“, фирма која, како што рече, Камчеви ја основале во САД уште пред 15 години, со цел тогаш да воспостават соработка во областа на здравството. Љупчо Шврговски, исто така, се осврна на фирмата, па рече дека од доказите не произлегува дека Мијалков имал каква било улога и влијание во изборот на „Гама“, „Финзи“ да биде застапник за нивните производи.
Набавката се вршела преку „Финзи“, зборуваа адвокатите, бидејќи Гама одлучила оваа фирма да биде ексклузивен дистрибутер на опремата за Македонија.
„Гама не би си дозволиле да определат за дистрибутер некој без знаење и стручност“,
рече адвокатот Василев.
Уште еден момент што го оспоруваа адвокатите на Мијалков е финансиската штета, односно имотната корист што ја имала „Финзи“ од набавката во висина од околу 48 милиони денари, која тврдат дека обвинителството ја извадило паушално бидејќи не доставило никакво вештачење од експерт од економската наука.
Покрај Мијалков, обвинети во „Трезор“ се и поранешниот шеф на неговиот кабинет и началник на оддел во УБЈ, Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тројца се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Јакимовски за помагање. На Грујевски му се суди во отсуство, со оглед дека е во бегство во Грција.
Тројца од обвинетите во овој предмет се гонат и во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување во земјата и на уништување на опремата за прислушување во УБК со цел скривање на доказите. На 26 февруари, Основниот кривичен суд изрече пресуда во тој предмет, која сè уште не е правосилна, а со која Сашо Мијалков доби 12 години затвор, Горан Грујевски 15, а Тони Јакимовски 6.