До вчера во државата вкупно се аплицирани над еден милион дози вакцини, а целосно вакцинирани со две дози се 491 169 граѓани, а само во еден ден прва доза вакцина примиле 11 925 граѓани
Задолжителното приложување сертификат за примена најмалку една доза вакцина, за влез во многу места и за присуство на разни настани, го зголеми интересот за вакцинирање во земјава.
Така, до вчера во државата вкупно се аплицирани над еден милион и сто дози вакцини, а целосно вакцинирани со две дози се 491 169 граѓани. Само во еден ден прва доза вакцина вчера примиле 11 925 граѓани.
Но, паралелно со вакцинацијата, расте и бројот на новозаразени, кој веќе два дена е по околу 1 000 лица на ден, а расте бројот и на починати како компликација од вирусот. Министерството за здравство вчера соопшти дека во претходното деноноќие се регистрирани 15 починати лица и 1 081 новозаразени.
Сертификат за примена најмалку една вакцина против ковид-19 или доказ дека болеста е прележана пред 45 дена, од вчера се потребни за влез во кафуле, обложувалница, трговски молови, казина, културни настани и секаков вид прослави. Мерките се дозирани со цел да се зголеми опфатот за вакцинација и да се спречи ширењето на вирусот, истакна вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Десеттина проценти од сите кои се дијагностицираат во текот на денот, како што рече, се вакцинирани. Исто така, десеттина проценти од хоспитализираните се вакцинирани.
„Тоа што охрабрува е дека од вкупната бројка вакцинирани која во текот на вчерашниот ден достигна 600 000 многу малку се дијагностицирани. Бројката се мери во промили 0,002, што значи дека главниот проблем е во бројот на граѓани кои не се вакцинирани. Воопшто немаме проблем со тие кои се вакцинирани, и во другите земји заболуваат, меѓутоа за 20 пати е помал ризикот од смртен исход ако заболи некој кој е вакцинира“,
рече Филипче.
Во градовите каде има повисок опфат со вакцинација од близу 50 проценти засега нема притисок во болниците како што се Битола, Охрид и Штип. Потенцира дека здравствениот систем е целосно подготвен за новиот ковид-бран.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека трета доза вакцина против ковид ќе има кај нас и препораката на Комитетот за имунизација согласно ставовите на Американскиот центар за контрола на болести е да се вакцинираат тие на кои им е потребна дополнителна заштита- пациенти кај кои е извршена транспалантација и тие кои се на хронична дијализа. Третата доза не мора да е од истиот производител како прите две.
Најмногу активни има во Скопје 2 520, потоа следат Тетово со 1 477 и Гостивар – 1 099. Во Куманово има 497 активни случаи, Кичево – 404, Струмица – 339, Охрид – 213, Струга – 190, Битола – 151, Дебар – 144. Во другите градови има под 100 активни случаи. Богданци е единствениот град во кој нема позитивен на Ковид-19, а во Крушево, Македонска Каменица и Дојран има само по еден активен случај.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 164 529 бројката на оздравени пациенти е 151 235, на починати е 5 589, а бројот на активни случаи изнесува 7 705.
Според светската статистика, досега се заразиле со коронавирусот околу 210 милиони луѓе, починале 4,4 милиони, а оздравеле речиси 188 милиони лица.
СЗО вчера соопшти дека Делта сојот најмногу циркулира во области каде има помалку вакцинирани.– Циркулацијата на делта варијантата на коронавирус во области со ниска вакцинација го поттикнува ширењето на ковид-19 низ целиот свет, соопштија вчера претставници на СЗО.