Ковидот, како што рече Мехмедовиќ, ќе остане да биде присутен меѓу нас, прогласување на крајот на сите мерки не значи дека веќе нема да го има и ќе треба да внимаваме. Остануваат препораките за вакцинација против ковид-19
Комисијата за заразни болести ќе ѝ препорача на Владата да бидат укинати сите задолжителни мерки против ковид-19, а тоа се задолжително носење маски во болниците, јавниот превоз, аптеките и во домовите за стари лица и лица со посебни потреби.
Портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ, на денешната прес-конференција рече дека ова следува по последниот состанок на Светската здравствена организација на која Советот за итности препорача укинување на итната состојба за ковид-19.
Предлогот се однесува и на тоа ковид-19 да се третира како вообичаена заразна болест која ќе биде на ниво на другите болести.
„Препорачуваме и понатаму луѓето што ќе прават посети во болници или оние што ќе се најдат во болница за каква било друга услуга или интервенција сè уште да користат заштитни маски, особено доколку се во високата ризична група на граѓани кои имаат повеќе болести, кои се над 65 год. итн. бидејќи носењето маски ни укажа на тоа колку може да се превенираат интрахоспиталните инфекции“,
рече Мехмедовиќ.
Тој информира дека се намалува бројот на заразени од ковид-19 кои се регистрираат на неделно ниво, а рекордно најниско ниво на заболени од ковид е регистриран минатата недела – 66 заболени. Во последниот извештај нема починати, а оние што се заразени се лесни случаи кои не се на респираторна поддршка.
Ковидот, како што рече Мехмедовиќ, ќе остане да биде присутен меѓу нас, прогласување на крајот на сите мерки не значи дека веќе нема да го има и ќе треба да внимаваме.
Остануваат препораките за вакцинација против ковид-19. Според Мехмедовиќ, тоа е една од методите што нè доведе во ситуација да направиме колективен имунитет.