Покачувањето кое го очекуваат медицинските лица е во линеарен износ, различен – од три илјади денари, две и пол, две илјади, зависно од структурата на вработени
Синдикатите се наш партнер и во оваа прилика сакам да се заблагодарам за конструктивната соработка. Намерата и интересите се заеднички. За нивните барања ќе се разгледаат сите законски и финансиски можности за што поскоро нивно решавање, посочи министерот за здравство по средбата со синдикалните организaции

Анексот на колективниот договор за зголемување на платите на медицинските лица се очекува да биде потпишан до крајот на наредната недела. Доколку не се реши ова до крајот на наредна недела, Синдикатот на Клинички центар ќе се организира со членството, заедно со ССМ и со останатите синдикати за да одлучат како ќе дејствуваат понатаму.
„Членството е максимално револтирано. Плус, сега и порастот на минималната плата, ако не се заврши за овој месец ова потпишување на договорот, самото Министерство за здравство и Владата ќе си имаат проблем“,
нагласи денеска потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.
Очекувањата на синдикатите за потпишувањето на анексот на колективниот договор доаѓаат по нивната денешна средба со новиот министер за здравство Фатмир Меџити.
Според потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски, првата средба поминала во коректен конструктивен разговор.
„Наидовме на големо разбирање од страна на министерот. Се надеваме дека во најкус можен рок ќе биде потпишано ова што е договорено. Со Министерството за здравство и Фондот за здравство е договорена сумата, обезбедени се средствата. Според новиот правилник од Министерството за труд и социјална политика, сега постапката е договореното, анексите со коефициентите треба според постапката да одат до тоа Министерство, а оттаму во Министерството за финансии. Финансии да дадат одговор до Фондот, па да се потпише договорот. Ние се надеваме дека до крај на наредна недела ќе се заврши оваа работа. Затоа што сме во временски цајтнот. Ова беше ветено за февруарска плата, сега сме седми март“,
посочи Серафимовски.
Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, рече дека оваа средба со министерот Меџити била повеќе од информативен карактер.
„Целта ни беше да го информираме министерот со анексот на колективниот договор за покачување на платите за вработените во здравство. За нас како синдикати е многу битно, бидејќи ова покачување ќе се однесува за сите вработени во здравство. Има одредени финансиски импликации, тоа му го кажавме и на министерот и сметам дека тој, заедно со неговиот тим и со Фондот за здравство ќе успееме да се изнајдат овие средства и се надевам дека следната недела ќе дојдеме во ситуација да го потпишеме и овој анекс на колективниот договор. Покачувањето на платите е неминовност. Ако не се случи тоа, ќе се дојде во ситуација, медицинска сестра со средно образование да има иста плата со минималната. Тој апсурд нема да се случи. Покачувањето е во линеарен износ, различен, од три илјади денари, две и пол, две, зависи од структурата на вработени. Покачувањето ќе значи позитивно придвижување“,
подвлече Каранфиловски.
Министерот за здравство Фатмир Меџити посочи дека на средбата станало збор за актуелните прашања за регулирање на статусот на здравствените работници, по што рече дека дијалогот ќе продолжи со сите надлежни институции, како што се Фондот за здравствено осигурување, Министерството за финасии и Министерството за труд и социјална политика, во координација со Владата.
„Синдикатите се наш партнер и во оваа прилика сакам да се заблагодарам за конструктивната соработка. Намерата и интересите се заеднички. За нивните барања ќе се разгледаат сите законски и финансиски можности за што поскоро нивно решавање“,
посочи министерот на средбата со синдикатите.
Со барање за покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата, синдикатите минатиот месец организираа протести на вработените во јавното здравство пред Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, како и во други градови низ државата.