Три лица се со телесни повреди, а едното од нив е со прострелна рана во ногата. Поради спротивставените изјави што ги дале пред полицијата, засега нејасно е што точно се случувало во село Петровец, Скопско.
Триесет и деветгодишниот Е.Л. од село Чифлик вчера околу 14 часот се обратил во полициската станица во Петровец и пријавил дека претходно кај местото викано Шамак, Х.С. (19) со пиштол му пукал во ногата.
Повредите на ногата на Е.Л. биле видливи, а по лоцирањето на пријавениот Х.С., полицијата од него добила спротивставена изјава.
„Полициски службеници излегле на местото на настанот каде што бил пронајден Х.С., со повреда на главата од тап предмет, кој изјавил дека бил нападнат од Е.Л., кој потоа сам си пукал во ногата“,
информира полицијата.
Дополнително, полицијата ја пронашла и сестрата на Х.С., која исто така била повредена, но не се знае како. На тројцата им е укажана лекарска помош во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ и во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Полицијата извршила увид, а за настанот е известен и јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.