Според директорката на Државниот испитен центар, ќе се разгледува вибер-групата во која беше споделен празен тест по мајчин јазик на почетокот на испитот минатата сабота, а решение за обидите да се внесуваат електронски уреди во иднина би било воведување блокатори на сигнали на мобилните телефони

Околу 15 илјади матуранти в сабота ќе го полагаат вториот, изборен екстерен испит од државната матура. Најмногу пријавени кандидати – 13 198 има за испитот по Англиски јазик. Испит по Математика ќе полагаат 1 356 матуранти, за Германски јазик се пријавиле 114, за Француски јазик 37. Естетика да полагаат се пријавиле 84 матуранти, а по еден кандидат има за полагање Руски јазик и за Филозофија.
Државниот испитен центар (ДИЦ) резултатите од полагањето на двата екстерни испити ќе ги објави до 8 јули.
Дотогаш треба да има и одлука од комисиите на ДИЦ за поништување на тестови за првиот и за вториот екстерен испит доколку се утврдат прекршувања на правилата на самото полагање или ако се констатираат нерегуларности т. е. преписи при оценувањето на тестовите.
Директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска за МИА изјави дека покрај комисијата која предлага поништување на испитот за кандидатите за кои е утврдено дека постоело некакво прекршување во текот на решавањето, оваа година ќе бидат формирани и десет комисии, за секој од десетте наставни предмети опфатени со државната матура, кои врз основа на докази за преписи при оценувањето на тестовите ќе предложат евентуално поништување.
„Ова и претходно го правеа оценувачите и беше само нивна констатација, но сега дополнително ќе има комисија, за секој од предметите, која ќе ги проверува доказите што ги доставува оценувачот“,
вели Михајловска.
Ќе се разгледува и вибер-групата во која беше споделен празен тест по мајчин јазик на почетокот на испитот минатата сабота. Како што рече директорката, текстови од таа вибер-група, како и кој било друг текст што евентуално ќе го најдат во некоја вибер-група, ќе им бидат дадени на оценувачите.
За да има поголема контрола при полагањето, оваа учебна година матурантите првпат тестовите ги решаваат во големи простори – училишните холови или спортски сали. Според Михајловска, решение за обидите да се внесуваат електронски уреди во иднина би било воведување блокатори на сигнали на мобилните телефони.
Таа вели и дека ќе апелира до МОН на тестаторите да им се плаќа за учество во матурата, како што е предвидено и во недонесениот нов закон за средно образование кој остана во собраниска процедура. Смета дека со некој вид награда/надомест, тестаторите ќе бидат помотивирани за својот ангажман во државната матура.
„Во целата оваа ситуација забораваме дека 2 000 луѓе си ја завршија одлично работата – и тие што организираа во училиштата, и тие што беа тестатори. Ако некои двајца-тројца ги прекршиле правилата, не треба да го анулираме трудот на сите други“,
додава Михајловска.
Според видот на образованието, државна матура во јунската сесија полагаат 6 341 матуранти од гимназиите, 8 230 од стручните и 263 од уметничките училишта.
Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.