Кандидатите за државна матура ќе полагаат странски јазик или математика, додека учениците кои полагаат државна стручна матура ќе избираат помеѓу англиски јазик и математика. За државната уметничка матура изборот е помеѓу англиски јазик и историја
Над 14 500 средношколци се пријавени за полагање на матурата и денеска ќе го имаат првиот екстерен испит, кој е изборен за кандидатите. Кандидатите за државна матура ќе полагаат странски јазик или математика, додека учениците кои полагаат државна стручна матура ќе избираат помеѓу англиски јазик и математика. За државната уметничка матура изборот е помеѓу англиски јазик и историја.
Според податоците од Државниот испитен центар за тестот по англиски јазик има најголем интерес каде се пријавени вкупно 13 208 кандидати, од кои 11 017 се ученици пријавени за државна матура, 2107 за стручна и 84 за уметничка матура.
За тестот по математика има 1173 пријавени – 1017 кандидати кои полагаат државна матура и 156 за државна стручна матура, а за историја има 38 кандидати кои полагаат државна уметничка матура.
Другите четири странски јазици се опција само за учениците кои полагаат државна матура. За француски јазик се пријавени 20, за германски 52, за руски јазик седуммина и двајца за италијански јазик.

Годинава, согласно измените на Законот за средното образование, матурантите ќе полагаат три типа матурски испити – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Според податоците од ДИЦ, 12 184 се пријавиле да полагаат државна матура, 2276 ученици за државна стручна матура и 127 се пријавени за државна уметничка матура.
Задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик и литература ќе се полага на 11 јуни за кандидатите за државна матура, а на 12 јуни за учениците кои полагаат државна стручна и државна уметничка матура.
