Матичните лекари, посочи претседателката на нивното Здружение, очекуваат и одговори од надлежните органи во врска со околностите во кои бил убиен нивниот колега бидејќи, како што додаде, во моментот се чувствуваат небезбедни
Како што најавија во петокот, матичните лекари денеска од 12 до 16 часот привремено ги затворија своите ординации во знак на револт, но истовремено и почит кон нивниот 67-годишен колега кој во четвртокот доцна вечерта беше пронајден убиен во близина на поликлиниката „Железара“ каде што имал приватна ординација под концесија.
Претседателката на Здружението на приватни матични лекари, Лилија Чолакова-Дервишова, во изјава за новинарите информира за денешниот, условно кажано, протест истовремено порачувајќи дека бараат да разговараат со надлежните за нови закони што ќе значат посилна заштита на здравствениот кадар.
„Денеска во знак на траор, во знак на почит кон колегата кој на грозоморен начин беше убиен на 67 години, матичните лекари од примарното здравство денеска од 12 од 16 часот нема да работата за да го подигнеме гласот, да разговараме за нови закони коишто би значеле посилна заштита на здравствениот кадар, каде што казните би биле поригорозни, со една единствена цел да се чувствува безбедно здравствениот персонал“,
рече Чолакова-Дервишова по настанот на Лекарската комора на кој беше потпишана декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата.
Таа рече оти пред настанот на кратко се виделе со министерот за здравство Илир Демири, од кого на нејзиното барање за посебна средба добила уверување дека неговите врати се отворени за сите теми кои го засегаат здравството и се во насока на подобра заштита на докторската фела и целокупниот здравствен персонал.
Матичните лекари, посочи Чолакова-Дервишова, очекуваат и одговори од надлежните органи во врска со околностите во кои бил убиен нивниот колега бидејќи, како што додаде, во моментот се чувствуваат небезбедни.
„Ние не знаеме која е причината (за убиството н.з.), но докторот е убиен во кругот на здравствен дом, така што очекуваме органите на прогонот да ни кажат што се случува, инаку вака се чувствуваме небезбедни бидејќи сите имаме пациенти кои се психички нестабилни, пациенти кои се зависници, со анксиозно-депресивни состојби, биполарни растројства. Така што навистина сакаме да имаме безбеден регион и безбедна просторија и простор да можете да отидете до својот автомобил, да се вратите, да може безбедно да работите“,
вели претседателката на Здружението на приватните матични лекари.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека наишле на разбирање и поддршка кај нивните пациенти поради денешниот четиричасовен прекин во работата.
„Сите пациенти, јас од утрово беа на работа, брзаа се со една почит кон целокупната состојба каде што велеа во право сте, ние ќе ве поддржиме, нема никаков проблем. Хронична терапија издадовме на почеток на месецот, другите после 16 часот ќе бидат услужени. Ова не е ние да не работиме или да не сакаме, но навистина само да стои во закон дека ние сме службени лица гледаме дека тоа не врши никаква функција. Мора секој здравствен работник, дали е тоа медицинска сестра, дали е тоа доктор, хирург, за примарно, секундарно, терцијарно здравство ние за сите колеги сметаме дека ваков чин не треба да се повтори“,
порача Чолакова-Дервишова.
Шеесет и седумгодишниот матичен лекар А.К. беше пронајден избоден до смрт во четвртокот доцна вечерта во неговиот автомобил „киа“ паркиран во близина на поликлиниката „Железара“. Неговото безживотно тело, како што информираа од Министерството за внатрешни работи и од републичкото Јавно обвинителство го нашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во петокот информираа дека јавен обвинител извршил увид не местото на настанот и издал наредби за обдукција на телото, за прибирање и анализа на сите пронајдени траги и обезбедување на снимки од видеонадзор.
Засега нема осомничено лице за свирепото убиство, а не се познати ниту мотивите и околностите за грозоморниот чин.
Од Обвинителството во саботата, одговарајќи на новинарско прашање, рекоа дека Министерството за внатрешни работи (МВР) во координација со јавен обвинител работи на откривање на сторителот. Дополнително оттаму кажаа дека се очекува и наодот од обдукцијата на телото на лекарот.