Веста за отпуштањата на Твитер доаѓа по шпекулациите дека Маск ќе отпушти дури 50 отсто од работната сила на социјалната мрежа, само неколку дена откако стана шеф на компанијата што ја купи за 44 милијарди долари
Твитер објави дека денеска преку е-пошта ќе ги информира своите вработени дали се отпуштени или не, по една недела неизвесност за иднината на компанијата откако со неа раководи новиот сопственик Илон Маск, пишува Ројтерс.
„Во обид да го поставиме Твитер на здрав пат, в петок ќе поминеме низ тешкиот процес на намалување на нашата глобална работна сила“,
се вели во е-поштата која ја пренесува Ројтерс.
Во е-поштата што компанијата ја испратила до вработените се вели дека канцелариите ќе бидат привремено затворени и ќе биде суспендиран целиот пристап до нив со цел „да се осигура безбедноста на секој вработен, како и системите на Твитер и корисничките податоци“.
Компанијата соопшти дека вработените што не се засегнати од отпуштањата ќе бидат известени преку службените мејлови, а персоналот кој бил отпуштен ќе биде известен за следните чекори на нивните лични мејлови.
Вчера била поднесена и групна тужба против Твитер од страна на неговите вработени, според кои, компанијата спроведува масовни отпуштања без да го обезбеди потребното известување од 60 дена, што е кршење на законот.
Веста за отпуштањата на Твитер доаѓа по шпекулациите дека Маск ќе отпушти дури 50 отсто од работната сила на социјалната мрежа, само неколку дена откако стана шеф на компанијата што ја купи за 44 милијарди долари.
Маск пред неколку дена ги отпушти сите членови на Управниот одбор (УО) на Твитер и стана единствен директор во компанијата.