Во врска со измените на Кривичниот законик, Маричиќ нагласи дека тие се направени за зголемување на ефикасноста на судењата и додефинирање на некои кривични дела, по модел на германското законодавство. Овој закон, според него, имал за цел да ги нормализира казните, нивото на казни на европско ниво и да ги засили можностите за проширена конфискација

Подготвени сме да ги искористиме сите инструменти за да дојдеме што поскро до целта, а тоа е членство во ЕУ, истакна секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.
„Ние веруваме дека 118 пратеници во Собранието сакаат да одиме во ЕУ. ДПМНЕ нема што содржински да каже, или блокираат или не дискутираат, а има добра прилика да гласаат за членство во ЕУ“,
рече Маричиќ.
Според него, другата опција е бескрајно да се чека подобар предлог и тоа никогаш да не се случи, односно само ќе се губи.
Маричиќ додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе останат во опозиција и по изборите наредната година.
„ДПМНЕ ќе остане опозиција. Од 2015 – 2016 година се помалку граѓани се плашат од репресијата и заканите од ДПМНЕ, треба да мислат како да се вклучат во преговорите кои ќе течат“,
додаде Маричиќ.
Во врска со измените на кривичниот законик, Маричиќ нагласи дека тие се направени за зголемување на ефикасноста на судењата и додефинирање на некои кривични дела, по модел на германското законодавство.
„Зошто не предложија во парламентарната расправа амандмани кои ќе го сменеа Кривичниот законик. Не е целта сега да амнестираме, туку да донесеме стандарди. Со овој закон ниту сакаме да направиме амнестија, ниту помилување, туку нивелирање на казните засилување на можностите за проширена конфискација, а довербата во судството може да расте само со конфискација“,
рече Маричиќ.
За Законот за Јавно обвинителство, Маричиќ вели дека во моментот кога се носел тој Закон, како еден од условите во преодните и завршни одредби и во објаснувањето, Владата како предлагач презела обврска да се отвори прашањето на Кривичниот законик за зголемување на ефикасност на судовите и додефинирање на кривичните дела по примерот на германското законодавство.
Маричиќ вели дека овој закон имал за цел да ги нормализира казните, нивото на казни на европско ниво и да ги засили можностите за проширена конфискација.
„Сакаме таа да се изврши на вистински начин. Не сакаме никого да амнестираме. Се борев случаите на СЈО да имаат судска развршница. Довербата во судството може да расте само со конфискација. Целта е да им се земат парите“,
додаде Маричиќ.
Говорејќи за законот за амнестија предложен од министерот за правда Кренар Лога, Маричиќ рече дека тој не е поминат на Влада, иако бил пофален од премиерот Димитар Ковачевски.
„Денеска имаше седница и не помина таков закон. Целта на тој закон е да се ослободат затворите од оние кои се при крај со казните и оние со помалку од шест месеци. Условите во затворите се многу тешки. Казнената политика треба сериозно да се преработи зошто може да има алтернативни мерки како некој може да ја добие казната, а тоа да не биде затвор. Лога го испраќа законот на мислење кај пратеничките групи за да види дали ќе има амандмани. Тој доби поддршка од премиерот, нема политички проблем за овој закон. Проценката ја прави министерот за правда. Човечка е идејата и мислам дека треба да направиме повеќе услови во затворите“,
додаде Маричиќ.
Во врска со случаите за изборни нерегуларности и „27 април“ вицепремиерот рече дека тоа се многу тешки квалификации.
„Останува на опозицијата ако мисли дека треба нешто да се најде во законот, легитимно е да го отворат и да го стават на маса. Немам информација, ниту мислам дека се преговара за ‘27 април’ како тешки квалификации, терористички напад на институциите на државата. Ако опозицијата смета дека за тоа треба да се разговара, нека го отворат, ние ќе разговараме. За нас ‘27 април’ е голема болка“,
рече Маричиќ.
