Во 2013 година само една од шест жени во земјава поседувала имот, односно 17 отсто од вкупната популација. Лани, тој процент пораснал на 27 отсто, што е и најголем прогрес во споредба со другите земји на Балканот
Секоја четврта жена во Македонија поседува имот, било самостојно било заеднички со некој друг. Така тврди министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој го презентираше податокот на онлајн Регионалната конференција за Европа, под покровителство на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Иако жените во земјава се далеку од рамноправност со мажите кога станува збор за поседување на имот, од владиниот ресор истакнуваат дека состојбата била значително полоша пред само неколку години.
„За само шест години во Северна Македонија, процентот на жени сопственици и косопственици на имот е зголемен за 10 отсто“,
сподели министерот за правда, Бојан Маричиќ при обраќање на онлајн Регионалната конференција за Европа.
Според Маричиќ, во 2013 година само една од шест жени поседувала имот, односно 17 отсто од вкупната популација. Лани, тој процент пораснал на 27 отсто, што воедно претставува и најголем прогрес во споредба со другите земји на Балканот.
Има повеќе нотарки отколку нотари, но и помалку политичарки од политичари
На состанокот, Маричиќ се пофали дека земјата активно работи на „Агенда 2030“ која има за цел да ја подобри родовата еднаквост. Таа пак е само дел од планот на Владата во реализација на Целите за одржлив развој. Како еден позитивен пример за напредокот на жените во општеството, го посочи фактот дека мнозинството од нотарите во земјата, што е атрактивна позиција, се жени. Или, на 10 нотари, во просек, шест се жени а четири мажи.
Додека жените навистина се застапени во дел од професиите во земјата, факт е дека нивното учество е многу пониско на највисоките раководни позиции.
Кога е во прашање политиката, во Собранието на Република Северна Македонија од 120 пратеници, само 43 се жени (35,8%). Ова, сепак, е подобрување во споредба со состојбата од 2016 година кога во законодавниот дом имало 38 пратенички (31,6%). Доколку трендот на раст продолжи со сегашното темпо, тешко може да се очекува дека ќе има родова еднаквост во Собранието во следните 10 години.
Уште полош е соодносот кога се во прашање највисоките позиции во извршна власт. Од вкупно 15 ресорни министерства, само три се под водство на министерка. Сите останати 12 се под водство на министер. Или, со јазикот на статистиката, само 20% од министерствата во актуелната Влада на Зоран Заев ги водат жени.
автор: Марко Гулевски