Ние, во старт, рековме дека не се врзуваме за временски рамки и датуми, бидејќи тоа досега не ни донесе никакво добро и никаков напредок. Секако, тоа не значи дека имаме бескрајно трпение за разговори, вели вицепремиерот за европски прашања во гостување во „360 степени“
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вели дека Северна Македонија сака да ги искористи француското претседателство, вториот мандат на претседателот Емануел Макрон и неговите лидерство и авторитет во Европската Унија за да се обиде да го деблокира пристапниот процес во ЕУ до јуни. Сепак, тој во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат се повика на премиерот Димитар Ковачевски, кој вели дека е потребно брзо, но не и избрзано решение со Софија.
„Решението мора да биде базирано на европски вредности, тоа значи дека не може да има, како што велите, етнизација или бугаризација или било што надвор од европските вредности, бидејќи, сепак, Европската Унија е и унија на вредности“,
рече Маричиќ.
Прашан дали е на иста позиција со шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој вели дека ако сега не се реши спорот со Бугарија, се плаши оти по јуни ќе го нема истиот ентузијазм, Маричиќ одговори дека што повеќе чекаме ќе има се помалку решителност и енергија.
„Ние, во старт, рековме дека не се врзуваме за временски рамки и датуми, бидејќи тоа досега не ни донесе никакво добро и никаков напредок. Секако, тоа не значи дека имаме бескрајно трпение за разговори и јасно ни е на сите дека како поминува времето, ни се докажало и во спорот со Грција, кога првпат добивме вето или во други случаи, дека што подолго трае, процесот ќе станува покомплициран. Тоа е факт“,
смета Маричиќ.