Со Бугарија сè уште нема решение, инаку би знаеле јавноста и политичките фактори. Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
„Меѓутоа, има напредна фаза од разговорите, како што спомнал и министерот Османи, во која веќе имаме голем број прашања што се јасно издискутирани и за кои има можности и начини како да се решат“,
тврди тој.

Маричиќ дополни дека сè уште нема никакви официјални документи за кои би можеле, како што рече, да се фатиме и да побараме став. „Тоа е размена на идеи и размена на ставови“, вели тој.
„Факт е дека очекуваме од Бугарија да видиме како ќе се развиваат односите таму и дали постои подготвеност од нивната влада и од нивниот естаблишмент да се продолжи со разговорите за да се финишираат“,
одговори Маричиќ.

Маричиќ смета дека настанот во Битола со отворањено на клубот „Ванчо Михајлов“ влијаел на атмосферата и дека не е чекор што го помага процесот, но додава дека нема откажување од овој процес затоа што е вложен многу труд.
„Притоа, се грижевме да бидат зачувани нашите црвени линии утврдени во Собранието со Декларацијата усвоена од сите партии, одевме на таа тенка линија на баланс меѓу заштита на македонскиот идентитет, јазик и сите обележја на народот и од друга страна, интересот да ги почнеме преговорите“,
вели тој.