Во изминатите 7-8 години сме имале 10 вакви редовни мисии, кажа денеска вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ на брифинг со новинарите, говорејќи за мисијата за оценка на работата на Судскиот совет. Тој наброја дел од досегашните редовни оценувачки мисии кои експерти на ЕК ги имале во земјава, а меѓу другото се однесувале и на делови од судскиот систем и борбата против организираниот криминал, за да, како што рече, нема шпекулации дека ваква оценувачка мисија на Европската комисија се случува првпат во државата
Тој порача дека Владата на С Македонија ќе направи сè за мисијата на европските експерти да протече што побрзо, поефикасно, подобро, подлабински, за да може да ги добиеме насоките и препораките што треба да правиме во делот на законите за Судскиот совет, практиките и кадровските прашања во оваа институција

Oценувачката мисија на Европската комисија, предводенa од поранешниот врховен судија од Хрватска, Бранко Хрватин, втор ден е во главниот град на земјава. Задачата ѝ е да ги лоцира слабостите во Судскиот совет поради кои оваа исклучително важна институција, која избира и разрешува судии, се најде на тапет пред јавноста. Mногубројните скандали во ова тело го повлекоа и целиот судски систем на државата да добие оценка од експертската јавност и обичните граѓани дека го допрел дното.
Мисијата на европските контролори уште со самата најава за нејзино доаѓање во земјава, која ја соопшти шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава Дејвид Гир, предизвика бура во јавноста. На неа се надоврзаа и многубројни шпекулации околу тоа што ќе биде фокусот на мисијата во Судскиот совет.
Дел од медиумите деновиве, повикувајќи се на извори од Советот, пишуваат дека сферата на интерес на оценувачката мисија ќе биде неуспехот на Судскиот совет да донесе одлука за случајот со судијата Енвер Беџети и неговото неоправдано долго чување во фиока на предметот поврзан со масовното прислушување, наречен „Таргет-Тврдина“. Исто така, дел од написите беа дека ќе бараат отчет и за начинот на кој беше разрешена доскорашната претседателка на Советот, Весна Дамева, за непроцесираните случаи за Рамиз Мерко, за влијанието на трети лица во судството, како тоа кое што САД го наведуваат за Орце Камчев, но и за злоупотребите во АКМИС, непотизмот при вработувањата во правосудните институции и случаите кои ги губела државата во спорови со физички лица кои резултирале со штети врз државниот буџет од десетици милиони евра.
Што од ова ќе излезе како точно веројатно ќе се знае и ќе биде објавено кога експертите на ЕК ќе ја завршат мисијата и ќе го подготват извештајот со она што е констатирано.
Во меѓувреме, љубопитноста на јавноста ќе мора да се задоволи со информациите што официјално ги споделуваат претставниците на државните институции.
Дел од таквите информации денеска на брифинг со новинарите сподели вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.
Средбата беше поделена во два сегмента, неформален – самиот брифинг, кој во најголем дел беше посветен на динамиката на скрининг-процесот што земјава го има со Европската Унија и дел во кој Маричиќ пред камерите и микрофоните одговараше на прашања на новинарите.
И во двата сегменти тој се осврна на оценувачката мисија.
На неа тој ги посвети последните неколку минути од своето речиси едночасовното излагање на брифингот.
На почетокот кажа дека денеска во текот на денот треба да ја има првата средба со претставниците на оценувачката мисија. Веднаш потоа, за да, како што рече, нема шпекулации дека ваква оценувачка мисија на Европската комисија се случува првпат во државата, тој сподели дека во последните седум-осум години во земјава сме имале десет вакви мисии.
Тој наведе неколку како пример:
„Имаше оценска мисија за обуки во судството врз основа на која извлековме поуки кои беа имплементирани во Законот за Академија на судии и јавни обвинители. Значи, тоа е целта на тие мисии. Оценска мисија во областа на управната постапка и управното право и судство. Оценска мисија сме имале уште во 2017 година на Европската комисија за предмети од висок профил на корупција, организиран криминал и перење пари. Оценска мисија за борба против тероризам и спречување на насилен екстремизам. Потоа оценска мисија од областа на спроведување на судски пресуди во трговско право, оценска мисија за ефикасност на системот на јавни набавки во ранливите сектори и соодветен надзор, сме имале оцнеска мисија за слобода на изразување, па втора и трета оценска мисија, три оценски мисии за предмети од висок профил на корупција и организиран криминал и перење пари, оцнеска мисија за независни регулаторни тела сме имале оваа година.“
Во тој контекст, Маричиќ истакна дека она што сака да каже со набројувањето на ваквите примери е дека оваа оценувачка мисија не треба да се сфаќа како нешто вонредно, туку само како нешто „што ние сме го разговарале и барале подолго време и добро е што се случува побрзо“ и во тек на актуелните настани во Судскиот совет, затоа, како што додаде, очигледно е дека на оваа институција и треба ваков вид помош.
Тој порача дека Владата на С Македонија ќе направи сè за мисијата на европските експерти да протече што побрзо, поефикасно, подобро, подлабински, за да може да ги добиеме насоките и препораките што треба да правиме.
„Секако дека и ние ќе споделиме некакви наши идеи, но мислам дека е добро што имаме стручни лица од Европската Унија, докажани експерти во областа кои имаат што да кажат и можат да помогнат за подобрување на работата на ова многу важно, клучно тело во зајакнување на кредибилитетот, ефикасноста на судството, па и за популарноста“,
рече Маричиќ на брифингот.
Надоврзувајќи се на оваа тема, по прашања од новинарите, дали претходните оценувачки мисии биле испраќани откако институциите или областите каде што вршеле проверки биле оквалификувани дека го допреле дното, вицепремиерот за европски прашања кажа дека за секоја мисија било утврдено дека имало потреба за некакво подобрување и затоа се испраќале.
„Нивни експерти од конкретна област да дојдат тука и извршат увид во тоа како функционира нашата политика и нашата институција и да дадат препораки како треба да се подобри врз база на нивните стандарди, законодавство. Значи тоа е целта на оценските мисии. Тоа што праќаат во судскиот совет не значи дека сè е сјајно, напротив значи дека таму има потреба од ваков тип мисија“,
рече Маричиќ.
Аргументирајќи за невонредноста на сегашната оценувачка мисија во Судскиот совет, Маричиќ направи споредба со мисијата на Европската Унија за владеење на правото во 2015 година предводена од Рајхрад Прибе која, како што кажа вицепремиерот за евроинтеграции, била вонредна.
„Виша експертска група од европската комисија (тогаш) направи посебен извештај за состојбите со владеењето на правото во тогашна Македонија. Значи, ова што сега се случува е дел од серијата оценски мисии во институции или во области каде што тврдиме дека има потреба и дека ни треба помош. Судскиот совет е такво прашање“,
рече вицепремиерот за евроинтеграции.
За оценувачката мисија тој говореше и на „отворениот“ за камери дел од денешната средба со новинарите, на кој во најголем дел ги повтори информациите кажани на брифингот потенцирајќи дека очекувањата се за Судскиот совет да има сериозна, длабинска мисија која ќе ги анализира сите слабости, по кои ќе добиеме точни препораки и насоки од експертите на Европската комисија што би требало да правиме во однос на законите, што би требало да правиме во однос на практиките на таа институција, што во однос на кадровските прашања.
„Само сакам да напоменам дека законите за Судскиот совет коишто беа донесени во 2019 година беа правени заедно со европската комисија и беа правени под водството на Венецијанската комисија и со нивно мислење. Така што ние законската рамка веќе ја имаме направено и изработено согласно препораките на Европската Унија и на Советот на Европа, но очигледни се слабостите кои треба да се надминат и затоа сме подготвени како Влада да ставиме на располагање секаква информација или помош на оценската комисија за да дојдеме до најдобри решенија за подобрување на работата на Судскиот совет“,
изјави Маричиќ.
Во продолжение подолу може да го погледнете видеото од изјавата пред камери на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ за оценувачката мисија на ЕК во Судскиот совет.
Вчера тимот на оценувачката мисија предводен од поранешниот врховен судија од Хрватска, Бранко Хрватин, се сретна со членовите на Судскиот совет, но на состанокот не беше дозволено присуство на медиумите, а нема ниту изјави по завршувањето на средбата.