Ученици од две збратимени училишта, од Скопје и од Велико Трново, денеска го посетија Европскиот парламент во Брисел, во рамки на заеднички проект, кој има за цел да создаде мостови меѓу младите од двете соседни земји.
Младите од С Македонија и Бугарија покажаа дека знаат да градат мостови кои ќе ги поврзуваат двете држави и се одличен пример дека преку образованието може да се градат соработка и нови проекти кои ќе им донесат нови можности.
Ова денеска го истакнал вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ кој заедно со европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, се сретнале со учениците од С Македонија и од Бугарија, кои во рамки на студиска посета се запознале со работата и функционирањето на Европскиот парламент.

„Секогаш ме радуваат иницијативите кои создаваат нови пријателства, искуства, нови знаења и развиваат добрососедски односи“,
рекол Маричиќ, соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
Домаќинот на овој настан, европратеникот Ќучук, со вицепремиерот Маричиќ порачале дека она за што работат и за што се борат е да отворат нови можности за младите од двете земји кои сите разлики ќе знаат да ги надминат во духот на европските вредности.
„Мораме да градиме мостови меѓу двата народа, а не да подигаме ѕидови. Вие сте иднината на нашите две земји и примерот што го давате е значаен за добрососедските односи. Верувам дека ќе продолжиме да ги развиваме и ќе постигнеме многу со заеднички напори“,
рекол Ќучук.
Вицепремиерот за европски прашања, изразил уверување дека во иднина ќе има уште повеќе вакви иницијативи, на кои младите од двете земји ќе другаруваат, соработуваат и со меѓусебно почитување ќе напредуваат и ќе носат успеси за своите држави.

„Ученици од две збратимени училишта, од Скопје и од Велико Трново, денеска го посетија Европскиот парламент во Брисел, во рамки на заеднички проект, кој има за цел да создаде мостови меѓу младите од двете соседни земји. Оваа посета на Брисел следува после изложбата што беше организирана во ОУ „Исмаил Ќемали“, Скопје каде што учениците од ова училиште и од ООУ „Бела Благоева“ од Велико Трново, Бугарија, имаа задача да нацртаат она што најмногу ги воодушеви од Република Северна Македонија, а децата од Република Северна Македонија, она на што се сеќаваат и им се допадна во Бугарија“,
стои во соопштението.