Владата на Северна Македонија направи сè за почеток на преговорите со Европската Унија, сега на ред е Европскиот совет, изјави националниот координатор за интеграција во ЕУ, Берлински процес и регионална соработка, Бојан Маричиќ, коментирајќи го позитивниот извештај на Европската комисија која повторно препорача почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија.
Маричиќ вели дека Комисијата со право препорачува почеток на преговори и веќе нема изговори зошто тоа да не се случи пред Самитот на ЕУ во Загреб.
„Самитот на ЕУ во Загреб е во мај. Заклучокот на Европскиот совет од октомври е дека на ова прашање повторно треба да се наврати пред Самитот во мај. Она што беше наша задача ние го завршивме и тоа за нас беше клучно, дека нема никакви изговори и причини зошто не би се донела одлуката побрзо. Овој извештај е печат на нашите реформи, на досегашните успеси, во тешки услови, со многу напори, но исто така и методологијата е на некој начин е отворање на патот за почеток на преговорите. Дали ќе се случи во март или подоцна, тоа е стратегија и на пристап на државите членки на ЕУ“,
изјави Маричиќ.
И вицепремиерот Бујар Османи на прес-конференцијата во Секретаријатот за европски прашања порача дека се исполнети сите предуслови за почеток на преговорите, а позитивна одлука очекува на 26 март.
„Во извештајот се констатира дека Република Северна Македонија има направено дополнителен напредок и тоа не само во донесување на законите туку и во имплементирање на законите и успешно функционирање на институциите. Со тоа се исполнети сите предуслови на 26 март да се донесе одлука за започнување на преговори со Европската Унија. Со ова се враќа европскиот кредибилитет и довербата во Европската Унија“,
рече Османи.
Според него, нема веќе ниту еден аргумент „против“ отпочнувањето преговори, а „зелено светло“ очекува и за Северна Македонија и за Албанија.
Поврзани вести:
ЕК го објави мини-извештајот – Северна Македонија ги зајакна реформите и треба да почне преговори
Вархеји: Остануваме цврсто на ставот – С Македонија и Албанија во март да ги отпочнат преговорите