Како што посочи Габриел, за време на преговорите меѓу ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ, станало јасно дека нема разлики во однос на реформите во судскиот систем, регулаторите и борбата против корупцијата
Ќе има ротација во бугарската влада. Марија Габриел од ГЕРБ-СДС денеска му го врати исполнет мандатот на претседателот Румен Радев и го соопшти предлогот за состав на владиниот кабинет. Радев, мандатот за состав на влада и го додели на Габриел на 15 мај.
До последен момент, како што јавуваат бугарските медиуми, не било јасно дали ќе има исход од преговорите меѓу ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ кои продолжиле попладнево. Марија Габриел пред претседателот истакнала дека двете коалиции немаат разлики во однос на реформите во правосудниот систем, регулаторите и борбата против корупцијата, јави БНТ.
„Сфаќам која е одговорноста пред мене, сфаќам колку е важно Бугарија да има стабилна влада, сфаќам колку е важно Бугарија да има стабилна влада за да ги заврши клучните приоритети за земјата како што е копнениот Шенген, еврозоната и работата за приходите на луѓето, за нашите деца да растат во Бугарија“,
рече Марија Габриел.
Габриел го соопшти нејзиниот предлог за состав на владата:
- Премиер и министер за надворешни работи – Марија Габриел
- Вицепремиер за европски прашања – Николај Денков
- Министер за финансии – Асен Василев
- Министер за внатрешни работи – Калин Стојанов
- Министер за регионален развој – Андреј Цеков
- Министер за труд – Иванка Шалапатова
- Министер за одбрана – Христо Гаџев
- Министер за правда – Атанас Славов
- Министер за образование – Галин Цоков
- Министер за здравство – Катја Панева
- Министер за култура – Крсто Крстев
- Министер за животна средина и води – Ивелина Василева
- Министер за земјоделство – Кирил Ватев
- Министер за транспорт – Георги Гвоздејков
- Министер за иновации и раст – Росен Желјазков
- Министер за економија – Богдан Богданов
- Министер за енергетика – Жечо Станков
- Министер за е-влада – Валентин Мундров
- Министерка за туризам – Зарица Динкова
- Министер за млади и спорт – Димитар Илиев
„Нема да правам компромис со фактот дека за мене водечки ќе бидат Уставот, владеењето на правото и правото и најдемократските практики – публицитетот и транспарентноста“,
рече Габриел.
Според неа, приоритетите на бугарските граѓани во економската и социјалната сфера се исто толку важни како и регулацијата и борбата против корупцијата.
Бугарскиот претседател Румен Радев рече дека денеска ќе донесе указ и ќе го испрати предлогот за состав на кабинет до Националното собрание.