Родителот кој нема да оди на работа поради мерките за прекин на образовниот процес со цел спречување на ширењето на коронавирусот, ќе треба да обезбеди соодветна потврда од градинката или училиштето кое нивното дете го посетува.
Ова го соопшти министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во вечерашната емисија „Отворено“ на Телевизја 24.
„Се работи за платено отсуство. Не треба да земаат денови од одмор, не треба да земаат боледување, со оваа потврда ќе се регулира отсуството, а Владата преку Министерството за финансии и економските сектори во моментов прави пресметки и проценки за евентуален надоместок на одредени ефекти кои би се јавиле од примената на овие мерки. Ова важи само за децата што посетуваат воспитно-образовна институција и токму затоа ќе треба да приложат потврда од градинка или училиште и врз основа на тоа ќе може да ги користат овие услови“,
укажа Манчевски.
Децата кои нема да посетуваат настава поради мерката за справување со коронавирусот, како што истакна, треба да бидат згрижени, да имаат некаков вид на надзор. Токму затоа се одлучивме родителите на деца до 10 години, односно децата до четврто одделение, вклучително и четврто, да бидат ослободени од работните обврски без разлика дали се работи за вработен во јавниот или приватниот сектор.
Оваа мерка, како што појасни Манчевски, важи за сите родители освен за тие кои се вработени во здравствениот и безбедносниот сектор, а Владата дополнитено ќе одлучува на кој начин ќе се излезе во пресрет со помош при згрижување на нивните деца.
Владата ги прифати дополнителните мерки на Комисијата за заштита од заразни болести и во следните 14 дена се прекинува наставата во градинките, основните и средните училишта, универзитетите и научните институти во целата држава.