Еврокомесарот Оливер Вархеји најави дека до 15 јуни ќе ја добиеме преговарачката рамка за отпочнување на преговорите и ќе треба да се закаже првата меѓувладина седница. Лошо е, а не знам ни дали е воопшто возможно целиот овој процес да го води техничка Влада и без активно Собрание, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во вечерашното гостување во емисијата „Патот кон на Алсат.
„Ова мора да го имаме предвид, бидејќи ние немаме луксуз уште долго време да седиме без Собрание“,
додаде тој.
Според него, најдобро сценарио е до датумот за избори да се дојде со консензус. За него е неразбирливо лицитирањето со изборниот датум за една недела порано или подоцна, кога е јасно дека станува збор за временскиот период по завршување на вонредната состојба.
Тој нагласи дека постои одредена временска рамка до кога треба да се постигне договор за изборниот датум.
„Вонредната состојба завршува на 30 мај и потоа ќе се соочиме со еден вид безвластие. Без Собрание, со техничка Влада, а без изборен датум е навистина нелогично да продолжиме да функционираме“,
додаде Манчевски.