Кошта испрати јасна порака дека Македонија има опиплив напредок во исполнување на Реформската агенда. Македонија по првпат е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации – ЕКОСОК, за периодот 2027-2029 година. Ова е сериозен дипломатски успех што претставува доверба, препознаен капацитет, како и меѓународна потврда за државата, вели Манасиевски
Македонија напредува, бележи дипломатски успеси и конечно има позитивни резултати на меѓународен план, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. На прес-конференција партискиот портпарол Валентин Манасиевски порача дека земјава за само една недела добила повеќе потврди дека се движи во правилна насока и дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажала оти може да се води „европска политика без понижување, без тргување со идентитетот и без прифаќање диктати на штета на македонските национални интереси“.
„Претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, испрати јасна порака дека Македонија има опиплив напредок во исполнување на Реформската агенда. Македонија за првпат е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации – ЕКОСОК, за периодот 2027-2029 година. Ова е сериозен дипломатски успех што претставува доверба, препознаен капацитет како и меѓународна потврда за државата. Паралелно со ова, нацрт-извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент испраќа важна порака дека Македонија останува јасно препознаена како европска држава која е посветена на реформите, регионалната стабилност и партнерството со ЕУ и НАТО“,
рече Манасиевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат и дека е завршен пост-мониторингот со Советот на Европа, што е потврда за, како што велат, исполнување на сите демократски капацитети.
„Македонија денес е држава која гради партнерства, добива доверба и испорачува резултати. Тоа е разликата помеѓу СДС и ВМРО-ДПМНЕ, едните сè прифаќаа, другите работат, едните би ја редефинирале македонската историја, а другите ја позиционираат Македонија како почитувана европска држава“,
вели Манасиевски.
