Законот предвидува парична казна од 50 илјади евра доколку не ги почитувал строгите правила за вршење на клинички испитувања. Испитувањето мора да биде одобрено и мониторирано од Клиничка и Етичка комисија во МАЛМЕД, а пациентите мора да бидат известени дека се дел од клиничко испитување и третманот е бесплатен
Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) му поднела прекршочна пријава на доктор Жан Митрев затоа што клиничките испитувања кои ги вршел врз пациенти болни од ковид не биле пријавени, пишува ИРЛ.
Законот предвидува парична казна од 50 илјади евра доколку не ги почитувал строгите правила за вршење на клинички испитувања. Испитувањето мора да биде одобрено и мониторирано од Клиничка и Етичка комисија во МАЛМЕД, а пациентите мора да бидат известени дека се дел од клиничко испитување и третманот е бесплатен.
Адвокатите на Жан Митрев тврдат дека клиниката немала потреба да ги пријави клиничките испитувања за користење на хемофилтрација кај пациентиболни од ковид, затоа што всушност не станувало збор за вистински клинички испитувања.
„Станува збор за обичен напис, обична статија, каква што обврска имаат да прават сите здравствени установи, особено во услови на пандемија и светска криза. Да информираат и доставуваат информации до сите медиуми со цел да се врши размена на сознанија и искуства“,
вели еден од адвокатите на доктор Жан Митрев во изјава за ИРЛ.
Тој додаде дека е неспорно дека трудовите се објавени во меѓународни публикации, но дека поради техничка грешка истите се означени како студии.
Клиничкото испитување за користење на хемофилтрација кај критични ковид-пациенти е објавено во јули 2020 година. На самата публикација е наведено дека станува збор за клиничка студија која има за цел да докаже дали хемофилтрацијата има позитивни ефекти доколку се користи кај пациенти заболени од ковид.
Доктор Митрев во интервју за телевизија Канал 5 во август 2020 година се пофали дека болницата веќе има направено студија која им користи како поткрепа за лекување на ковид-пациенти во критична состојба.
„Ние веќе ги имаме бројките, нашата прва студија ја објавивме и меѓуародно и има научна поткрепа“,
изјави Жан Митрев во август 2020 година во интервју за емисијата „Само вистина“.
Во текот на истражувањето ИРЛ пронајде пет клинички студии во кои учествувала болницата „Жан Митрев“. Студиите се објавени во периодот од јули 2020 до септември 2021 година. Целта на сите е да се докаже бенефитот од третманот хемофилтрација со „Оксирис“ филтрите на американската фармацевтска компанија „Бакстер“.
Жан Митрев, сопственик на истоимената приватната Клиника чие лекување на ковид-19 пациентите беше цел на новинарско истражување прво на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), а потоа и формална истрага на Јавното обвинителство, денеска ја „изведе“ својата одбрана пред јавноста. Тој истакна дека наводите во документарецот „Нечиста крв“, кои покренаа реакција од институциите, се невистинити.
Митрев денеска посочи дека никогаш не тврдел дека имаат лек за коронавирусот, туку дека тие само ги лекувале компликациите кои настануваат од вирусот. Во тој контекст, методот на хемофилтрација бил ист како и претходно, кога започнале со употреба во 2008 година, односно тешко болните биле лекувани на ист начин и немало промена на пристапот на лекување. Тој ги демантираше тврдењата дека овој метод на лекување е неефикасен.
ИРЛ во својот документарец, во кој се емитуваат и делови од интервјуто со самиот Жан Митрев, откри дека методот на хемофилтрација кој ги користела Клиниката „Жан Митрев“ практично е на ниво на клиничка студија и дека приватната болница не ги пријавувала бројните интрахоспитални инфекции до надлежните, иако била обврзана да го прави тоа.
Документарниот филм на ИРЛ беше објавен на средината на јули, а веќе на 18-ти истиот месец Јавното обвинителство отвори предистрага. На почетокот на август, пак, предистрагата напредуваше во истрага што говори дека обвинителството има сериозни сомненија за сторени кривични дела. Како мерка на претпазливост, Обвинителството побара, а судот одобри да се одземе патната исправа на Жан Митрев поради опасност од бегство. Докторот достави и гаранција од еден милион евра дека нема да избега во рамки на истрагата што се води против него за кривичното дело измама.