Макрон рече дека царините ќе им наштетат на европските економии, но и на САД, со оглед на нивото на економските врски

Најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе реципрочни царини кон трговските партнери предизвика реакција од неговиот француски колега Емануел Макрон. Макрон во изјава за Си-ен-ен вели дека Европа е сојузник на САД и дека е подготвена да возврати за царините.
„Веќе го направив тоа, и ќе го направам повторно“,
вели Макрон.
Макрон додава дека ЕУ не треба да биде „главен приоритет“ за САД, велејќи дека нивниот прв проблем е Кина.
„Дали Европската унија е вашиот прв проблем? Не, не мислам така. Вашиот прв проблем е Кина, затоа треба да се фокусирате на првиот проблем“,
додава Макрон.
Макрон рече дека царините ќе им наштетат на европските економии, но и на САД, со оглед на нивото на економските врски.
„Тоа значи дека ако поставите царини на многу сектори, тоа ќе ги зголеми трошоците и ќе создаде инфлација во САД. Дали е тоа она што го сака вашиот народ? Не сум толку сигурен“,
рече тој.
Тој рече дека ЕУ мора да биде подготвена да реагира на акциите на САД, но нагласи дека блокот од 27 нации главно треба „да дејствува за нас“.
„Ова е причината зошто, за мене, врвен приоритет на Европа е агендата за конкурентност, агендата за одбрана и безбедност, амбициите за вештачка интелигенција и ајде да одиме брзо за себе. Ако во меѓувреме имаме проблем со тарифите, ќе разговараме за нив и ќе го поправиме тоа“,
додава Макрон.
За време на неговиот прв мандат, Трамп воведе царини од 25% за челик и 10% за алуминиум, но подоцна додели бесцарински квоти на неколку трговски партнери, вклучувајќи ги Канада, Мексико, ЕУ и Велика Британија.
Трамп набрзо по доаѓањето во Белата куќа, откако беше избран за претседател, најави воведување царини од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико и 10 отсто за стоки од Кина.
Неколку дена подоцна царините за Канада и Мексико беа одложени за еден месец, а остануваат само новововедените тарифи за кинески стоки од 10 проценти.