Процентот на неважечки ливчиња во општините доминантно населени со Македонци (61 на број) е значително поголем споредено со процентот на неважечки ливчиња во општините каде мнозинство се Албанците или други етнички заедници (19 на број). Ако на цела територија на државава неважечки се 4,34% од гласачките ливчиња, во „македонските средини“ тој процент изнесува 4,71%, а во останатите е 2,99%.
Анализите по првиот круг од претседателските избори во најголем дел се однесуваа на апстиненцијата, односно зошто голем број гласачи на 21 април останаа дома. „360 Степени“ погледна подетално во друга бројка – на граѓани што одлучија да се појават на гласачките места, но го поништиле ливчето. Според податоците на Државната изборна комисија, така постапиле 32.811 гласачи или 4,34 отсто од оние што гласаа. Оваа бројка не отстапува значително од претходните изборни циклуси, но нашето истражување не соочи со друг феномен.
На оваа слика, со зелена боја се означени општините во кои процентот на неважечки ливчиња е понизок од националниот просек. Со црвена боја се општините во кои процентот на неважечки ливчиња е над националниот просек. Меѓу „црвените“ општини нема ниту една во која мнозинско население не се Македонците.
До истиот заклучок се доаѓа и ако се направи топ-листа на 10 општини со највисок процент неважечки ливчиња.
Чучер Сандево е на прво место – дури 7,72% од оние што се појавиле на гласачките места, не се определиле. По неа е Македонска Каменица (6,46%), па Делчево (6,22%). На листата со десет општини со процентуално најмногу неважечки ливчиња се и Центар, Лозово, Демир Хисар, Дојран, Штип, Градско и Прилеп.
Ако за репер се земе апсолутниот број на неважечки ливчиња, табелата се менува. Но, не и впечатокот дека пред се Македонците се тие што во гласачките кутии уфрлиле неважечко ливче.
Најмногу неважечки ливчиња има во Прилеп – 1.989. Следат нивните соседи, Битола со 1.834, а на трето место е Куманово со 1.715 неважечки гласови. Следни на листата се скопските општини Аеродром со 1.536 и Карпош со 1.484. Во Охрид 1.474 граѓани иако излегле, не избрале ниту една од трите опции. Грб на понудените кандидати во општина Центар „им свртеа“ 1.322 граѓани, а во Кисела Вода 1.278. Во Штип изброени се 1.204 неважечки ливчиња, а во Гази Баба – 1.148. Случајно или не, во овие општини, а особено во скопските, градоначалниците се постојана мета на критика за секојдневните проблеми на граѓаните – загадувањето, депониите, узурпацијата на јавниот простор и инфраструктурата.
За комуникологот Петар Арсовски, зголемувањето на бројот на неважечки ливчиња во однос на претходните избори не е драматичен, но сепак и од тоа власта може да извлече поука.
„Точно е дека гласачите во овие општини, со поништувањето на ливчето, можно е да сакале да пратат некаква политичка порака иако мислам дека најголем дел од неважечките ливчиња се поради техничка грешка. Независно од тоа, власта треба да извлече поука дека има гласачи кои намерно го поништиле гласачкото ливче, затоа што не им се допаѓа понудата, а имале друг мотив сепак да излезат на гласање“, вели Арсовски.
Бројот на неважечки ливчиња не го загрижува ниту аналитичарот Роберт Несими, иако смета дека заслуга за тоа имаат поддржувачите на СДСМ кои се разочарани од политиките на власта.
„На сите изборни циклуси имаме таков процент на луѓе кои дали намерно или ненамерно имаат неважечки ливчиња. Обично тоа е и делумно некаков знак на протест кон сите политички партии и кандидати што се праќа на сите избори, но фактот што во, условно кажано, македонските општини има поголем број неважечки, кажува дека има некаков вид на протест од страна на оние што беа поддржувачи на соборување на владата на Груевски од Шарената Револуција, кои не се задоволни од политиките на Владата во овие две и пол години и намерно решиле да го искажат тоа со неважечко ливче или чкртање на сите кандидати“, вели Несими.
Од штабот на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски сметаат дека ваквите бројки не може да се анализираат поединечно и по општини, оти не се работи за локални избори. Сепак, впечаток е дека токму ова се местата каде во најголем дел се организираат и држат трибини со цел да убедат што повеќе граѓани да излезат да гласаат во вториот круг, но не и да го поништат ливчето.