Три мотоцикли, според МВР, се одземени поради сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик (КЗ), односно безобѕирно управување моторно возило
Од ресорното Министерство велат дека акциските контроли ќе продолжат и во следните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот, особено мотоциклистите, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи
Министерството за внатрешни работи (МВР) вечерва соопшти дека денеска за време на засилена акциска контрола за осум часа биле санкционирани 116 мотоциклисти во Скопје и дека се одземени три мотоцкли.

Контролата, како што се наведува во соопштението, била спроведена од 10 до 18 часот од полициски службеници од Одделот за безбедност во патниот сообраќај (ОБПС) при Секторот за внатрешни работи Скопје, а од вкупниот број санкционирани, најголем дел се казнети поради некористење заштитна кацига, додека 13 управувале мотицикл без положен возачки испит.
„Денеска (25.05.2026) во периодот од 10:00 до 18:00 часот од страна на полициски службеници од ОБПС при СВР Скопје и ОП СЕО беше спроведена засилена акциска контрола на територија на Скопје за санкционирање на прекршоци сторени од возачи на мотоцикли. При тоа санкционирани се 116 возачи, од кои 64 за некористење кацига, 13 за управување мотоцикл без положен возачки испит, три нерегистрирани мотоцикли и други видови прекршоци“,
се наведува во соопштението.
Три мотоцикли, според МВР, се одземени поради сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик (КЗ), односно безобѕирно управување моторно возило.
Од ресорното Министерство велат дека акциските контроли ќе продолжат и во следните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот, особено мотоциклистите, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа да придонесат за побезбеден сообраќај.
Министерството за внатрешни работи објави и видео од полициските службеници како со мотоцикли се движат низ скопските булевари во рамките на спроведувањето на акциската контрола.
Дека полицијата во престојниот летен период ќе ги зголеми контролите врз лицата што управуваат мотоцикли, неодамна одговарајќи на новинарско прашање најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Вистинските моторџии, особено оние што членуваат во мотоорганизации, се и тоа како посветени на почитување на сообраќајните правила бидејќи многу добро знаат какви се последиците кога тие не се почитуваат. Но, за сите оние што глумат моторџии, возат без кацига, со далеку поголема брзина, возат на едно тркало низ град, поминуваат на црвено светло и мислат дека ‘Безбеден град’ нема да ги детектира, сакам јавно да порачам дека Министерството за внатрешни работи во наредниот период ќе биде особено фокусирано токму на нив. Ќе останат и без мотори и без можност да глумат моторџии“,
изјави Тошковски на настан на 15 мај.
