Помеѓу македонските граѓани кои сè уште се во Украина, Османи посочи дека во Харков во моментов има семејство со новороденче од пет дена кои треба да бидат евакуирани, а кои не биле во можност да одговорат на повикот на МНР за напуштање на земјата оти чекале термин за породување кој се случил неколку дена пред руската инвазија
Од вкупно 100 мапирани граѓани во Украина, 50 се веќе извлечени, од кои 20 пред да започне инвазијата, 30 по започнувањето на воените дејствија, а уште 50 граѓани треба да се евакуираат. Од овие 50 останати граѓани, не се сите наши државјани туку се дел од семејствата на наши државјани, а денеска се очекува да евакуираме поголем дел од нив, информира на денешниот брифинг министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Продолжуваме со активностите. Околностите се менуваат континуирано на терен. Нашите очекувања се дека ќе се влошат околностите уште повеќе, меѓутоа мораме во такви околности да најдеме начини да ги евакуираме нашите граѓани и тоа е наш прв и најважен приоритет секој од нив да го извлечеме, меѓутоа безбедно“,
рече Османи.
Како што информира Османи, од вкупно 50 македонски граѓани и членови на нивните семејства кои во моментов се во Украина, 20 се во Киев, 20-ина се во други градови низ Украина.
Помеѓу македонските граѓани кои сè уште се во Украина, Османи посочи дека во Харков во моментов има семејство со новороденче од пет дена кои треба да бидат евакуирани, а кои не биле во можност да одговорат на повикот на МНР за напуштање на земјата оти чекале термин за породување кој се случил неколку дена пред руската инвазија.
„Има едно семејство со петдневно бебе во Харков каде што се одвиваат најголемите воени дејствија во моментот. Ние сме во постојана комуникација со нив. Тие реално не можеле да одговорат на нашиот повик за да ја напуштат Украина затоа што чекале термин за породување којшто се случил неколку дена пред руската инвазија“,
информира Османи.
Османи воедно посочи дека ги упатиле нашите граѓани доколку најдат начин да стигнат до конзулатите на државите со кои имаме направено договор да ги преземаат како нивни граѓани, тоа да го направат.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот информира дека за евакуација на нашите граѓани досега имаме договор со Бугарија, со Полска, Романија, Молдавија, со балтичките држави со кои имаме комуникација. Меѓутоа, како што рече, „земјите кои се околу Украина ни беа најважни за да имаме договор“. Вчера како што посочи Османи, комуницирале и со Турција од каде што бил испратен воз до тие региони и ќе се обидат денеска да ја продолжат таа комуникација за да може и преку турскиот коридор да бидат извлечени нашите граѓани.
Денеска, пак, на владина седница, како што посочи Османи, ќе разговараат за координирање на активностите во врска со евентуален бран бегалци.
„Украинската амбасада ни прати нота со која бара доколку се појават украински граѓани на нашата граница да бидат ослободени од имањето на тестови, вакцинален статус итн. за да можеме ние тоа да го направиме доколку се со статус на бегалци. Меѓутоа МНР во оваа првична подготвителна фаза ги координира тие активности за да се утврдат капацитети колку имаме доколку има евентуален бран на бегалци и кои би биле мерките што требаат различните институции вклучувајќи ги МВР, МТСП и така натаму за да ги преземат за да целиот тој процес помине без поголеми пречки и опструкции“,
информира Османи.
Меѓу другото, како што нагласи Османи, овој петок ќе патува во Брисел бидејќи НАТО свика министерски состанок на министрите за надворешни работи на членките на Алијансата.