Симовски првично рече дека проблемот во попишувањето не е до нивната апликација туку до интернет-конекцијата на „Македонски телеком“, по што од компанијата ја демантираа неговата изјава. Од ДЗС, подоцна информираа дека проблемите настанале од големиот број на сесии истовремено и упатија јавно извинување до „Македонски телеком“
„Македонски телеком“ реагира на изјавата на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој рече дека интернет-конецијата им создала проблем на попишувачите на вториот ден од најголемата статистичка операција во земјава. Од компанијата велат дека во текот на денешниот ден кај нив не е регистрирана ниту една пријава за дефект во интернет-конецијата.
„Во врска со написот за прекини во интернет конекцијата при спроведување на Пописот 2021, ве известуваме дека ‘Македонски телеком’ нема никакви проблеми со интернет-конекцијата и во текот на денот не е регистрирана ниту една пријава“,
велат од „Македонски телеком“.
Подоцна, од Државниот завод за статистика информираа дека проблемите се успешно остранети, како и дека тие не се должеле на паѓање на интернетот, туку најверојатно на поголемиот број сесии што се одвивале истовремено. Од ДЗС упатија и јавно извинување до „Македонски телеком“.
„Во кратки периоди и на одредени локации апликацијата за попишување не функционираше и одреден број на попишувачи не можеа да попишуваат. Техничките тимови интензивно работеа на отстранување на проблемот и за кратко процесот продолжи непречено. Би сакале да потенцираме дека проблемот што се појави не се должи на интернет-конекцијата со која се овозможува попишување, туку ова се можни и нормални проблеми кои се резултат на поголем број паралелни сесии“,
се вели во соопштението од ДЗС.
Колку за илустрација, велат од Државниот завод за стстистика, во тие два-три часа додека траеле техничките проблеми, биле попишани речиси 10 илјади лица на целата територија на државата.