Обидот е спречен од екипи на Царинската управа кои на осомничениот му вратиле 2 000 евра, колку што резидент може да изнесе од државата без да ги пријави согласно закон, додека преостанатите 98 000 се запленети и против него е поднесена кривична пријава до надлежен суд
Македонски државјанин пред два дена се обидел да прошверцува 100 000 евра, но бил спречен во намерата од инспектори од мобилните тимови на Царинската управа на граничниот премин „Богородица“.
Како што соопштија денеска од Царинската управа, на 26 јули, околу 21 часот, за излез од државата се пријавил автобус со турски регистарски ознаки, кој сообраќал на редовната линија Гостивар – Истанбул. При контрола на автобусот и на патниците, во чантата на еден од патниците царинските инспектори откриле четири пакувања обвиткани со црн најлон и селотејп во кои се наоѓале вкупно 100 000 евра, пари што патникот не ги пријавил.
На осомничениот му биле вратени 2 000 евра, колку што резидент може да ги изнесе од државата без да ги пријави согласно закон, додека преостанатите 98 000 се запленети од Царината.
„Согласно Законот за девизно работење, на патникот вратени му се 2.000 евра – износ што резидент може да го изнесе без да го пријави, а преостанатите 98 000 евра се привремено одземени. Против лицето е поднесена соодветна пријава до надлежниот основен суд“,
се наведува во соопштението од Царинската управа.