„Не функционира системот за превенција, заштита и контрола на вектор-преносливи болести. Не функционираат градоначалниците на ВМРО-ОКГ. Не функционираат здравствените институции. Државата не менаџира со епидемијата – туку само реагира на нејзините последици. Цената ја плаќаат граѓаните, со своето здравје“, обвини СДСМ

Од опозицискиот СДСМ велат дека Македонија е на прво место во Европа по бројот на заразени со западнонилска треска во однос на бројот на жители.
За ваквата состојба ја обвинија Владата, за која велат дека задоцнила со реакцијата.
„Во Македонија до први септември годинава се регистрирани вкупно 56 случаи на западнонилска треска, има и седум починати. Македонија е на првото место во Европа по бројот на заболени во однос на бројот на жители, пред земји како Италија, Грција, Романија. Повторно, исто како и здравствената криза со труењето во Гостивар, здравствените институции на Мицкоски закаснија со реакцијата. Владата на Мицкоски нема капацитет да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира дури откако кризата ќе ескалира“,
велат од СДСМ.
Од СДСМ велат дека прскањето против комарци не било навремено, а со прскање задоцнил и Градот Скопје, за што го обвинуваат градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Не функционира системот за превенција, заштита и контрола на вектор-преносливи болести. Не функционираат градоначалниците на ВМРО-ОКГ. Не функционираат здравствените институции. Државата не менаџира со епидемијата – туку само реагира на нејзините последици. Цената ја плаќаат граѓаните, со своето здравје“,
обвини СДСМ.
