Од АХВ апелираат граѓаните да обрнат внимание доколку на исто подрачје во краток временски период има поголем број пцовисани гаврани или други диви преселни птици
Присуство на западнонилска треска е потврдена кај три пцовисани гаврани, од кои два се пронајдени на подрачјето на Скопје, а еден на Ресен, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

„Во периодот од 24 до 27 август пристигнаа повеќе од 130 пријави од граѓани за пронајдени пцовисани птици. Дел од пријавите се однесуваат на свежо загинати птици, но најголем дел се за птици што се во напредна фаза на распаѓање и не се погодни за лабораториско испитување за присуство на вирусот западнонилска треска. Поради тоа, секоја пријава не може да резултира со примерок и лабораториско испитување“,
се вели во соопштението од Агенцијата.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат со спроведување активности за утврдување на епидемиолошката состојба и процена на ризикот од инфекции со овој вирус.
„Активниот надзор ќе се спроведува на целата територија на државата и ќе опфати живина одгледувана за некомерцијални цели, односно живина во дворови и селски стопанства, птици што се чуваат во затворени или оградени простори, како и одгледувалишта на водени птици во дворови и селски стопанства“,
додаваат од АХВ.
Според АХВ, нема потреба лабораториско испитување на поединечни случаи на пцовисани птици на територијата на Градот Скопје бидејќи од досегашното следење на вирусот потврдена е негова циркулација на ова подрачје.
Апелираат граѓаните да обрнат внимание доколку на исто подрачје во краток временски период има поголем број пцовисани гаврани или други диви преселни птици.
Во таков случај потребно е да ја известат Агенцијата.
За поединечни случаи на пцовисани птици на територијата на Скопје, граѓаните треба да се обратат до комуналните служби, односно до ЈП „Комунална хигиена“ за нивно собирање и соодветно отстранување.
