Интересен е податокот дека во земјава 31 отсто користат електронско банкарство, што е далеку од просекот во Европа каде процентот изнесува 66 отсто. Но, затоа, 85 отсто од Македонците го користат интернетот за социјални мрежи и се во горниот ранг
Македонецот купува онлајн еднаш до два пати во 3 месеци, прави нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачува од домашни е-трговци. Најмногу купува облека онлајн, а најмалку мебел и храна (испораки од ресторани).
Ова го покажуваат резултатите од извештајот насловен „Преглед на анализата на е-трговија (2022) во Р.С. Македонија и споредба со регионот и европските земји“, кој денеска претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска, го презентираше на Петтата годишна конференција за е-трговија, што се одржува во Скопје.
Ангеловска која во својот говор истакна дека иако бројките и податоците покажуваат раст на е-трговијата во Македонија, сепак се уште нашата земја е рангирана на дното споредено со европските земји, а и зад дел од земјите од регионот кај повеќето индикатори.
„Податоците покажуваат раст на речиси сите индикатори, така на пример, 46% од интернет корисниците купуваат онлајн, има значителен пораст во користењето на интернет банкарство и понатамошен раст на онлајн трансакциите, меѓутоа сепак тоа е мал раст споредбено со земјите од Европска Унија. Затоа мораме да го забрзаме развојот на е-трговијата за да отскокнеме од дното неколку места напред“,
рече Ангеловска.
Граѓаните направиле трансакции вредни 12 милијарди денари во првата половина од годинава
Податоците од извештајот што беше презентиран денеска покажуваат дека во првата половина на 2022 вредноста на трансакциите кон домашните е-трговци изнесува 12 милијарди денари што е за 22 отсто повеќе од првата половина на 2021.
За охрабрување, според Асоцијацијата, е и фактот дека во првата половина на 2022 година се отворени 110 нови е-продавници, што укажува на тоа дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди кои примаат платежни картички на виртуелни места на продажба.
Во користење на е-банкарство сме подобри од соседите, но далеку зад Европа
Во однос на навиките за користење на услугите од електронското банкарство, извештајот покажува дека во Северна Македонија се забележува значителен пораст на 31 отсто од населението кое користи интернет, но тоа, проценува Асоцијацијата, не е доволно – нашата земја е подобра само од соседните земји, додека сме далеку зад Европејците од кои 66 отсто го користат интернетот за е-банкарство.
„Но, затоа, 85 отсто од Македонците го користат интернетот за социјални мрежи и се во горниот ранг. Сите балкански интернет корисници најмногу сакаат да зборуваат, а помалку да праќаат имејл. Црногорците отскокнуваат во учество на социјални мрежи, праќање инстант пораки и читање онлајн вести, весници, списанија, додека Србите во барање информации за производи/услуги и барање на информации поврзани со здравјето, додека Босанците за продавање на производи и услуги онлајн иако во речиси сите други активности на интернет се на последно место“,
покажува извештајот.
Петтата годишна конференција за е-трговија започна денеска, а на неа ќе има над 500 учесници од 10 земји. Излагања, пак, се предвидени на 29 еминентни говорници од земјава и странство. Меѓу оние кои ќе се обратат се Јакуб Климчик – раководител за клиенти во Тик-ток, Амин Сиала, консултант за дигитален раст во Гугл, Тосин Оке, директор на продажба за мали и средни бизниси за Европа од Пејонир и др.