Шпанскиот министер за здравство, Салвадор Ила, побара од властите во Мадрид да ги засилат мерките во тоа жариште на епидемијата на новиот коронавирус, предупредувајќи дека жителите на градот и околните региони без поостри мерки се во сериозен ризик.
„Мадрид е во ситуација на сериозен ризик и време е да се дејствува одлучно. Постои сериозен ризик за жителите, за соседните региони, потребно е да се стави здравјето на граѓаните на прво место“,
рече министерот Ила на прес-конференција.
Мадрид продолжи делумен карантин од вчера во неколку десетици квартови со повисоки стапки на инфекција, отфрлајќи ги препораките на Владата за воведување карантин за целиот град, иако случаите на инфекција во главниот град продолжуваат да растат.
Бројот на заразени лица во Шпанија се зголеми за 12 272 од претходниот ден и се искачи на вкупно 716 481, што е најголем број на заразени луѓе во Западна Европа. Повеќе од 30 илјади лица починаа како резултат на инфекција со ковид-19 во оваа држава.